Колку се опасни дезинформациите и говорот на омразата за безбедноста и стабилноста на државата, дали институциите имаат капацитет за справување со злонамерните дезинформации, колку и на кој начин можат граѓанските организации и медиумите да се вклучат во заштитата од злонамерните дезинформации и хибридните закани, се само дел од прашањата што ќе бидат отворени на денешниот јавен настан „Автопатот со факти, одговорност и решителност наспроти беспаќето на опасните дезинформации“ што го организира ЦИВИЛ.
На настанот ќе зборуваат националниот координатор Марјан Забрчанец, доцентот при Катедрата за меѓународно јавно право, м-р Љупчо Стојковски, уредникот на Вистиномер и Критинк, изданија на Фондацијата Метаморфозис, Владимир Петрески и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Настанот ќе биде емитуван во живо на Фејсбук страницата и на видео каналот на ЦИВИЛ, а ќе се одржи без публика. Дозволено е присуство на ТВ екипи, со строго придржување кон протоколите за заштита од КОВИД-19.
Панелот е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година. Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0. мч/скс/