Центарот на Денвер Нагетс и МВП на НБА, Никола Јокиќ, нема да игра за репрезентацијата на Србија на претстојниот квалификациски турнир за ОИ, како и на претстојните Олимписки игри во Токио, потврди кошаркарот за Танјуг, пренесе Спорт Клуб.
„На мое огромно жалење, ова е моментот кога треба да објавам дека и покрај мојата голема желба, не сум во можност да играм за националниот тим. Едноставно, состојбата на моето тело бара подолго отсуство од полето за закрепнување. Тоа е ставот и сугестијата на клубот и јас морам да ја прифатам. Убеден сум дека момците имаат квалитет да направат резултат без мене, што ќе ни донесе на сите многу радост “, изјави Никола Јокиќ за Танјуг.
Јокиќ беше прогласен за најкорисен играч во сезоната во НБА и е само третиот Европеец што ја добил таа престижна награда по Дирк Новицки и Јанис Адетокумба.
Ј. Ѓ.