Класична дезинформација на ВМРО-ДПМНЕ и неуспешен обид да внесе вознемиреност меѓу граѓаните е информацијата дека нема пасоши и лични карти. Како што објави и Министерството за внатрешни работи, патни исправи од сите типови има во доволен број и се одговара на сите барања на граѓаните.
ЦИВИЛ го интензивира долгорочниот мониторинг на изборниот процес во пресрет на локалните избори, предвидени за октомври годинава. Мониторингот ги опфаќа партиските и пропагандните активности, Државната изборна комисија, политичкото финансирање и работата на институциите во контекст на дополнувањата и измените во изборното законодавство, пренесува Слободен Печат.
Претпладнево, УЕФА го одби барањето на градските власти на Минхен да се обои Алијанц Арената во боите на виножитото за време на натпреварот Германија-Унгарија од ЕУРО2020. Главното раководно тело на европскиот фудбал го одби барањето на националниот тим поради „политички контекст“.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април 2021 година изнесувала 28.438 денари, а бруто платата била 42.441 денари. Според Државниот завод за статистика, просечната нето-плата годинава е поголема во однос на април лани за 10,1 отсто, додека бруто платата за 10 проценти.
Во Охрид во периодот од 21 до 23 јуни се одржува Регионален форум на земјите од Западен Балкан, чиј домаќин и соорганизатор е Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, заедно со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал УНОДЦ. Целта на настанот е изготвување и усогласување на Регионален патоказ за борба против корупција и нелегални финансии наменет за земјите од Западен Балкан во кој ќе бидат дефинирани приоритетите за борба против корупцијата и нелегалните финансии.
Бугарија го потврди својот став за европската перспектива на Република Северна Македонија на денешниот редовен состанок на Советот за општи работи во Луксембург, притоа останувајќи отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање заемно прифатливи решенија.
М. Миткоска