Несoвеста на граѓаните како и негрижата на општинските власти го упропастија едно од ретките места за рекреација на младите во Тетово, Скејт паркот, лоциран наспроти Автобуската станица.
Оваа површина со која се пофали Општината дека им ја отстапува на младите, во 2018 година беше пренаменета во Скејт парк со пари и помош од странски невладини организации од Белгија и Косово, на кои голема поддршка им дадоа млади активисти.
Во месец јули 2018 година на пуштањето во употреба на паркот градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, истакна дека местото ќе добие осветлување и одредени реквизити за потребите на младите.
Но, наместо тоа локалната власт сосема дигна раце од паркот, каде на места има депонија, сè е уништено, ниту се чисти, ниту се одржува.
Неколку активисти на почетокот од месецот организираа акција за чистење на Скејт паркот, со цел да ги освестат институциите да се заангажираат за одржување на една од ретките слободни површини во градот.
Засега нема никакви активности во Скејт паркот, освен денешното ветување на градоначалничката на Тетово Теута Арифи дека оваа површина ќе се оплемени и ќе се донесат нови реквизити.
„Знаеме за состојбата во Скејт Паркот, Општината има одобрено средства ова место повторно да се уреди и да се стави во функција на младите. Работите ќе започнат наскоро“, рече Арифи.
И единствениот парк во Тетово целосно запоставен
И единствениот парк во градот, кај народот познат како Жена парк е во катастрофална состојба. Местото каде се собираат луѓе од разни генерации, рекреираат, одмараат и се релаксираат е валкано и со скршени реквизити, уништени клупи.
Оваа слободна зелена површина за чија обнова во 2017 Општината потроши 10 милиони денари, сега е целосно уништена. На почетокот имаше чуварска служба и надзор со камери, но сега местото е оставено на милост и немилост. Фотографиите доволно кажуваат, а деновиве целосно демолирана е и бараката каде се надгледуваше површината преку камерите.
„Свеста на народот е за никаде, но Општината ако ги поставила камерите требаше да надгледува, некој кој ова место го уништуваше требаше да биде казнет. Имаме ли закон во оваа држава или немаме, секој ќе прави што сака. Значи бадијала е, сè е бадијала и камерите беа поставени и куќарката, чуварската служба. Сè е уништено, тоа што е уништено сега треба да се обнови, ако велат дека немаат средства, нека одржуваат хигиена, за тоа барем не треба пари, доволно е една метла, но и тоа не го прават, целото место е со пикавци, разновиден отпад за никаде, да биде трагедијата уште поголема, ова е единствениот парк во градот со мала површина и мислам дека не би требало да биде проблем да се одржува, рече една револтирана тетовка која со своето внуче одмараше во паркот.
Од Општина Тетово и за овој парк ветија дека повторно ќе се обнови и ќе се добие една зелена рекреативна целина за младите, која ќе се одржува и нема да се дозволи да се уништува и валка.
Зоран Димовски