Национален координатор за стратегиски комуникации во Владата на Северна Македонија, Maрјан Забрчанец, во обраќањето на денешната конференција „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“, рече дека во 2019 година Владата воспоставила драфт платформа за справување со дезинформации. Таа постојано е драфт, бидејќи не постои единствен и унифициран начин за справувањето со дезинформации, објасни Забрчанец.
Оваа платформа е постојано отворена и треба да овозможи секој општествен чинител да си го пронајде своето место.
„Покрај владината заложба за воведување на медиумската писменост во образованието, Забрчанец го спомена и владиниот Акциски план за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво, со којшто на идните влади ќе им биде тешко да ги изостават активните мерки за транспарентност. Со Акцискиот план се обврзавме дека редовно и брзо ќе одговараме на новинарите и факт-чекерите“, изјави тој.
Една од клучните алатки за справување со дезинформациите, е изложувањето на информации и факти од институциите, спомена Забрчанец, додавајќи дека е изработен и Протокол за кризни комуникации, и тоа пред самиот почеток на ковид-19 пандемијата.
Тој посочи дека свесно или не, премногу зборуваме колку да бидеме против дезинформациите.
„Уверен сум дека на тој начин некако како да им дадовме повеќе моќ отколку што ја поседуваат ваквите центри за дезинформации“, рече Забрчанец.
Ова не значи дека ги потценувам дезинформациите, вели Забрчанец, потенцирајќи дека е потребно наметнување на проактивна агенда како што е медиумската писменост и професионалното новинарство, наспроти реактивната агенда.
На тој начин, покрај борбата против лажни вести и справување со дезинформации, ќе обезбедиме повисоко ниво на сигурност во себе и граѓаните, за да не се наметне страв и несигурност кај граѓаните.
„Целта на дезинформаторите е токму таа, да се наметне страв и несигурност кај нив“, рече Забрчанец.
Тој спомена и дека медиумските организации треба уште повеќе да поведат иницијативи, но и академијата треба да си ги ревидира курикулумите по новинарство, коешто и денес е базирано на теорија од 20-тиот век.