Соголувањето на шумите во атарот на струшките села Лабуништа, Боровец и Подгорци трае со години. Концесионерите, но и дивосечачи од околните села и од соседна Албанија потојано вршат нелегална сеча.
Активистите од Здружението за екологија „Натура лаб“ обвинуваат за негрижа и масакр на буковата шума. Загрижени, велат дека се прави голосек кој ќе предизвика поплави и свлечишта, а надлежните не преземаат ништо.
Најголемата закана е загадување на изворите кај Горна Белица, поради што дваесетина илјади жители од околината ќе останат без вода.
„Немаме против разредување на шумата од страна на концесионерот, но не загрижува нерегуларната сеча која прави непоправливи штети врз животната средина. Ова е опустошување на шумите. Бараме увид, бидејќи ударно ни е водата, надлежните да утврдат дали има простор за сечење во близина на изворите , ние како екологисти сметаме дека голема е опасноста народот да остани и без дрва и без вода“, вели Алим Салоски претседател на „Натуралаб“ од Лабуништа.
Жителите од Лабуништа бараат инспекторатот за шумарство и шумската полиција да направат увид и засилени контроли на терен, за да се спречи масакарот на шумите на Јабланица.
„Да дојдат од Скопје надлежните, бидејќи овие инспектори во струшко не преземаат ништо. Да видат на терен дали е тоа регуларна сеча, ние како што гледаме тоа е масакр. Токму кај што треба да носиме вода за во новиот басен тука се сече, замислете пробивање на нови патишта на 2000 метри надморска височина, шумата е опустошена тоа е катастрофа“ , вели Едис Мемишоски активист од Здружението „Натуралаб“.
Полицијата во повеќе наврати одзеде голема количина дрвна маса, која нелегално се транспортираше од планинскиот појас на патот Струга-Дебар. При секоја заплена на дрвокрадците им се одземаат коњи, џипови, камиони, алатот за сеча и огревното дрво.
„Полицијата активно е вклучена во сузбивање на дрвокрадството. Во февруари годинава на регионалниот пат Струга Дебар, кај Мороишки мост при контрола од страна на полициските службеници беше затекнат камион целиот натоварен со огревно дрво кој што всушност беше нежигиран и без соодветна документација. Последниот случај на фатени дрвокрадци беше на локалниот пат Струга Белица“ , вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Доколку продолжи нерегуларната сеча на шумите, а надлежните не преземат мерки за спречување лабуништани се заканија со нови протести и блокади. Изминативе неколку години активистите од струшко во повеќе наврати организираа масовни протести.
Соња Рилковска