Албумот „Апокриф“ е дело на добрите другари Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ, кои се познаваат и соработуваат долги години во групата Чалгија саунд систем.
Истражувајќи низ музичкиот океан на македонската традиционална музика, но и низ современиот израз, дојдоа на идеја да направат еден поинаков и камерен звук од оној што ни го нудеа досега.
Добрила ги пее македонските песни, но си игра и со тишината, со мелодијата која не мора секогаш да биде тон, туку и шум, а Дориан свирејќи на ут, додава лупови и музички патерни кои водат до медитативни сфери и музичко опуштање.
Оливер Белопета за овој албум ќе рече:
Ремек дело во најава: „Apocryph” од Добрила и Дориан. После долго време издание инспирирано од најубавите македонски традиции кое заслужува да му го понудиме на светот. Во печат, со етикетата на Скопскиот џез фестивал.
Албумот е снимен меѓу два коронски пика, во јули – август 2020 година, во студиото Профундус и издаден под етикетата на Скопје Џез фестивал во јуни, 2021 година.
Дизајнот на омотот, е на Зоран Кардула.
Ј. Ѓорѓиоски