„Нападите и црната пропаганда против граѓанското општество во нашата земја имаат долга историја. Невозможно е да се набројат сите примери и начините на кои организациите на граѓанското општество, експертите, активистите за човекови права, интелектуалците, уметниците и новинарите беа и останаа една од главните мети на црната пропаганда. Најдиректна форма на пресметка со прогресивниот дел од општеството и граѓанските организации, придружена со црна пропаганда креирана, поттикната и спонзорирана од самата држава, се спроведуваше во времето на режимот на Груевски“, ја отвори панел дискусијата „Црната пропаганда против граѓанското општество“, модераторот Џабир Дерала.
„Финансиската полиција, режимските медиуми, судовите, полицијата, политичките партии, трол фабриките, хулиганските групи, па дури и Државната комисија за заштита од дискриминација, своевремено беа најистурените играчи во државната кампања против граѓанското општество.
Македонското општество се ослободи од режимот, но дел од режимските инсталации останаа. Највидлива е токму црната кампања која со различен интензитет се спроведува против граѓанското општество и тоа токму во периоди кога се одвиваат клучни настани и процеси во земјата.
Такви напади имаше за време на референдумот, за Договорот од Преспа, но и за време на изборните процеси“, изјави Дерала.
Кој и зошто организира и спроведува црни кампањи против невладините организации? Кои се мотивите, а кои се последиците од нападите против невладините организации? Тоа беа главните прашања за кои се дискутираше на јавниот настан на ЦИВИЛ.
На настанот учествуваа: Горан Ризаов од Фондација Метаморфозис, Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центар при Хелсиншки комитет, Павле Богоевски од Прогрес институт, Милан Спировски од ЗНМ, Марина Шкрабало и Иван Блажевиќ од Солидарна, Република Хрватска.