Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија (АППРСМ) денеска почна со реализација на обуки за поттикнување на вештините за социјално и зелено претприемништвото кај младите преку обуки за наставниците од средното образование.
Обуките кои ќе се одржат во Скопје, Велес, Кочани и Битола се пред сѐ наменети за усовршување на методот за предавање преку примери и предвидуваат студиски посети или гостински предавања на основачи на социјални претпријатија.
Програмата ја реализираат претприемачи и истакнати професори и истражувачи во областа на претприемништвото, раководени од проф. д-р Марјан Бојаџиев и претприемачот и истражувач Македонка Димитрова од Универзитетот Американ колеџ-Скопје – Институтот за претприемништво и лидерски развој.
Според директорот на АППРСМ Шенаси Џеладини, годинашната програма за поддршка на претприемништвото во Република Северна Македонија предвидува неколку атрактивни содржини меѓу кои во тек е спроведување образовни обуки за наставници на актуелните теми како што се социјалното и зеленото претприемништво.
-Сметаме дека наставниците кои предаваат претприемништво и бизнис се наша продолжена рака за поттикнување на претприемaчкиот дух кај младите генерации особено преку основање социјални претпријатија и зелени бизниси. Ова е единствен пат кон похумано и одговорно општество преку деловните потфати на младите, изјави Џеладини.
Македонка Димитрова од УАКС посочи дека обуките се обид да се прикажат успешни примери за социјални и зелени бизниси и да се покаже на младите од земјава може да раководат со успешни социјални и зелени бизниси.
-Тоа е нешто што недостига во учебниците, локалните примери и учење преку примери се иднината на образованието на полето на претприемништвото. На УАКС Институтот за претприемништво и лидерски развој овој наставен метод, по примерот на Универзитетот Харвард, го применуваме повеќе од 15 години и сметаме дека има голем успех кај новите генерации, додаде Димитрова.
извор: МИА







