„Го слушнавме гласот на граѓаните и тие денеска имаат современ регионален пат кој ги поврзува со експресниот пат Штип – Кочани и со тоа им е олеснета комуникацијата со овие градови, како и со останатите градови на истокот и југоистокот на државата. Тука се и неколкуте конфекции, а голем број работници од овие градови и околните населени места секојдневно патуваат до штипските конфекции и сега тоа го прават по нов, современ патен правец“, истакна премиерот Заев и додаде дека тоа е огромен потенцијал за развој на нови поврзувања низ бизнис иницијативи.
„Сега од Пробиштип до Скопје преку сосема нова и модерна патна инфраструктура се стигнува за 45 минути. Изградбата, реконструкцијата и рехабилитацијата на патиштата останува еден од нашите стратешки приоритети заради брз економски развој и на овој регион, но и на целата држава“, заклучи премиерот Заев.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски потенцираше дека Владата вложува преку една милијарда евра за подобрување на патната инфраструктура низ целата држава со цел граѓаните да возат побезбедни и модерни патишта.
„Овде, во Источниот регион изградивме нова и квалитетна патна мрежа. Речиси и да нема патен правец кој не е рехабилитиран. Регионалниот пат од Крупиште до Пробиштип е со должина од 18 километри за што инвестиравме 3,4 милиони евра за негова рехабилитација. Овој пат сега се поврзува и со експресниот пат од Штип до Кочани и преставува една целина преку кој граѓаните значително го намалуваат времето на патување“, рече министерот Бочварски и додаде дека активно се работи во Источниот регион.
„Ја изградивме автопатската делница Миладиновци – Штип. Ја изградивме првата фаза од експресниот пат од Штип до Крупиште, а до крај на годината очекуваме да ја пуштиме во употреба и втората фаза од Крупиште до Кочани. Исто така ја пуштивме во употреба и првата фаза од експресниот пат Штип – Радовиш, очекуваме септември да се пушти во употреба и делницата од Бучим до Радовиш, а делот од Три чешми до Штип да биде завршен веќе следната година.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми рече дека патниот правец Крупиште–Пробиштип е важна сообраќајна артерија за граѓаните на Пробиштип кон Штип, Кочани и граничниот премин со Бугарија кај Делчево.
„Рехабилитацијата и реконструкцијата на регионалниот пат Пробиштип–Крупиште, која што е во должина од 18 километри е финансирана преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а вредноста на ова делница изнесува 3,46 милиони евра. Со завршувањето на асфалтирањето, со поставувањето на еластична одбојна ограда и хоризонталната и вертикална сообраќајна сигнализација, овој патен правец целосно е рехабилитиран“, објасни Рустеми и додаде дека во процес на рехабилитација и санација се повеќе патишта во североисточниот регион кој е индустриски, општествен и административен центар.





