Џамбо Агушев, најдобриот трубач, не само кај нас туку и пошироко, со своето учество во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ преку видео порака им порачува на граѓанките и граѓаните дека различностите се вистинско богатство на нашето мултикултурно општество.
„Различностите се богатство во нашета држава бидејќи ние имаме соживот со нашите граѓани. Еве, како личен пример, јас каде и да настапам со мојот оркестар, имам публика од различни нации на мојот концерт. Значи, како што низ цел свет има мултиетничко големо почитување на сите нации, така сакам да има во Македонија едно уште поголемо ниво на почитување, да се сакаме. Најдобар пример за тоа е што јас соработувам со Бугарија, со Франција, со сите нации од целиот свет. Сакам да имаме повеќе љубов, а помалку омраза во државата“, нагласи Агушев.
Исеин Озден, или познат како Џамбо Агушев е роден во Струмица и свири на труба откако знае за себе. Вниманието на јавноста го привлече по освојувањето на наградата „златна труба“ на Гуча, Србија, во 2013 година. На 11 години го снимил и својот прв самостоен носач на звук, касетата „Џамбо магична труба“, кога го добива и сегашниот прекар Џамбо, кој му го дал лично Ферус Мустафов.
Албумот „Brasses for the masses” на Џамбо Агушев Оркестрарот e награден со престижната награда „German Records Critics“ како најдобар албум во светот за 2020 година.
Музичарот Џамбо Агушев учествувал во изработката на музиката за филмското остварување „Окја“ на Бонг Џун Хо, режисер и на филмот „Паразит“, кој минатата година стана првиот странски филм добитник на четири Оскари, меѓу кои и за најдобар филм. „Паразит“ инаку го победи македонскиот документарец „Медена земја“ во категоријата интернационален филм, а доби престижна статуетка и за оригинално сценарио и режија.
Џамбо Агушев оваа година по повод на 8-ми април, кога се навршија 50 години од првиот Светски конгрес на Ромите одржзн далечната 1971 година во Лондон, во Кремиковци (Бугарија) беше прогласен за „крал на ромската музика”.
Дехран Муратов / ЦИВИЛ МЕДИА