Поврзан Балкан“ е насловен главниот панел на Регионалниот економски форум во Скопје, со учество на премиерите на Северна Македонија Зоран Заев, и на Албанија Еди Рама, претседателот на Србија Александар Вучиќ, како и претставници на повеќе од 300 компании од регионот и од меѓународни институции.
На настанот ќе биде објавено новото име на регионалната иницијатива што досега беше неформално нарекувана како „Мал шенген“ и ќе бидат потпишани трилатерални договори што, според најавите, ќе го подобрат животот на граѓаните и на бизнис заедницата од Западен Балкан.
Програмата на форумот почнува со воведни обраќања на Заев, Вучиќ и Рама, кои потоа ќе учествуваат на економскиот панел на кој ќе говорат и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија и Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија.