„Пламен Николов сака да го ревидира Преспанскиот договор, кој е помеѓу Грција и Северна Македонија!? Господе, смилувај се над Бугарија!“, коментира Бојан Чуков, експерт за безбедност и надворешно-политички аналитичар.
Дали мандатарот знае со кого Северна Македонија го потпишала Преспанскиот договор – гласат дел од коментарите во бугарската јавност.
Ќе се формира ли новата бугарска влада и каква ќе биде нејзината позиција кон Република Северна Македонија? За ова прашање интересот е огромен и во Скопје, и во Софија, но во бугарската престолнина очекувањата деновиве се разнишани поради гаф на мандатарот за новата бугарска влада, Пламен Николов.
По неговиот прв јавен настап во емисијата „Панорама“ на Бугарската национална телевизија, македонските медиуми непрецизно ја пренесоа неговата изјава по ова прашање, а во бугарските со изненаденост се анализира и коментира. Што изјави Николов, запрашан дали ќе ја задржи досегашната позиција на Софија кон Северна Македонија?
„Треба да го ревидираме договорот со PCM… Неисполнетите обврски од Преспанскиот договор особено многу нѐ загрижуваат. На никаков начин нема да ги загрижуваме нашите браќа и нема да ги лишуваме од можноста за нивната европска иднина. Сепак, тоа не значи дека нема да го браниме својот интерес. Можеби ќе го ревидираме овој договор“, ја пренесуваат бугарските медиуми спорната изјава на Николов.
Мандатарот е бос
Најчестите прашања се – дали мандатарот знае со кого западната сосетка го потпишала Преспанскиот договор.
„Пламен Николов сака да го ревидира Преспанскиот договор, кој е помеѓу Грција и Северна Македонија!? Господе, смилувај се над Бугарија!“, коментира Бојан Чуков, експерт за безбедност и надворешно-политички аналитичар.
Костадин Филипов, бугарски новинар и некогашен дописник од Македонија се осврнува на овој гаф на Николов во колумна во весникот „Труд“, оценувајќи дека мандатарот открил оти е „целосно бос“ по тоа прашање.
„Можеби има други квалитети, но уште во неговото прво јавно претставување во ‘Панорама’ човекот откри дека е целосно бос за ова, во моментов, деликатно прашање. Зашто, да го помешаш Преспанскиот договор на Република Македонија со Грција со нашиот Договор за пријателство и добрососедство, е чист гаф кој тешко се простува. Договорот кој беше потпишан во 2017 година е нашиот, додека Преспанскиот е потпишан следната година, на 18-ти јуни 2018 година на брегот на Преспанско Езеро, од премиерите на двете земји Алексис Ципрас и Зоран Заев. Оваа хронологија е многу важна бидејќи има сериозно политичко полнење. Без нашиот договор и Преспанскиот немаше да постои, а денес Република Северна Македонија немаше да биде членка на НАТО и да има толку претензии за почеток на преговори за членство во ЕУ. Да ги мешаш во времето, да ги помешаш, значи да немаш претстава ниту за едното ниту за другото“, коментира Филипов.
Предложен искусен дипломат
Мандатарот Пламен Николов е актуелен пратеник на партијата „Има таков народ“ и доктор по филозофија на правото, економијата и политиката. И додека дел од оправдувањата за неговата почетна грешка се бараат во фактот дека тој нема никакво искуство во надворешната политика бидејќи доаѓа од сферата на бизнисот каде што го сметаат за успешен, вниманието е фокусирано кон предлог-составот за новиот кабинет кој беше претставен вчера, односно кон кадровскиот предлог што треба да ја предводи бугарската дипломатија. На таа листа за министер за надворешни работи е предложен Ради Најденов, бугарски дипломат со богато, 30-годишно искуство. Првиот задграничен мандат како млад дипломат го започнал во Швајцарија (1994-1996), а таму е и денес: од 2019 година е амбасадор на Бугарија во Швајцарија. Во првата година од владата на премиерот Симеон Сакскобурготски, Најденов бил заменик министер за одбрана, а потоа до 2005 година бил шеф на премиерскиот кабинет. Бил амбасадор во Австрија до 2011 година, а потоа назначен за постојан секретар на Министерството за надворешни работи, што е највисока позиција во бугарската дипломатска служба. Од 2012 до 2018 година бил амбасадор во Германија. Досега еднаш веќе бил шеф на бугарската дипломатија – но само три месеци во службената влада во 2017 година.
Општонационален конзензус
Додека траат разговорите за новата влада, министерот за надворешни работи во привремената влада, Светлан Стоев, во интервју за „24 часа“ уште еднаш ја потврди неменливоста на бугарската позиција кон Северна Македонија. Запрашан, каква поширока рамка за маневрирање во преговорите сака да има бугарското МНР, и кои се црвените линии кои би ги промениле, Стоев ги повторува веќе познатите позиции.
„Во случајот, активностите на службената влада во однос на Република Северна Македонија беа предодредени од Декларацијата на Народното собрание од 10-ти октомри 2019 година, како и од Рамковната позиција усвоена од претходната влада. Бугарија е парламентарна република. Министерството за надворешни работи нема како да ги промени ‘црвените линии’ и Рамковната позиција“, изјави тој.
Притоа потсетува дека темата е исклучително важна за земјата и дека за неа постои општонационален конзензус.
„Оптималниот пат е еден – решавање на отворените прашања на билатерална основа, низ директни и отворени преговори. Преговарачакиот процес не е лесен, темите се чувствителни за секоја земја, како за Бугарија, така и за Република Северна Македонија“, вели Стоев.
Нагласува дека Бугарија е конструктивен партнер и не сака да внесува нерешени билатерални прашања во ЕУ. На прашањето – ако двете земји не успеат да се разберат билатерално, како би изгледала една компромисна варијанта со интервенција на други земји членки на ЕУ, Стоев смета дека дека такво нешто нема да биде неопходно, бидејќи смета дека активните напори за разјаснување на бугарската позиција пред нивните европски партнери ќе дадат позитивен резултат.
Преземено од Дојче Веле