Создадовме граѓанска држава, со еднакви услови за сите кои живеат во неа, истакна премиерот Зоран Заев на обраќањето на конференцијата „По Охрид“ по повод 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор.
– Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор се совпаѓа и со 30-годишнината од независноста на нашата земја и 80-годишнината од народното востание и 20-годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како наш прв чекор кон остварување на нашата заедничка цел за членство во ЕУ, изјави Заев.
Сите заедници, додаде, треба да бидеме горди дека претставуваме позитивен пример од кој другите учат.
– Испорачувачи на мир, урнек по кој многу други земји и региони, не само на Балканот и Европа, туку и во светот може да учат. И си земам за право да оставам аманет, да си го чуваме она што заедно сме го постигнале овие 20 години и да бидеме благодарни на современиот свет од кој многу учиме и кој многу ни помага. Тоа е западниот свет кој бил тука и пред 20 години и денес е тука, како наша поддршка. Пред се, нашите стратешки партнери САД и ЕУ, истакна Заев.