прашува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Иако и претходно не можеше да се пофали со манири на пристоен човек, Мицкоски почна и да пцуе. Со тоа потсети на својот помлад пајташ од радикалната десница, самонаречена Левица, порано и E Majta (на албански – левица). Ова се јавни прашања:
На што се должи тоа пцуење на Мицкоски по социјалните мрежи? Дали на повидок е нова партиска стратегија според која вокабуларот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се спушти уште едно скалило подолу, поблиску до оној на фејк-Левица? Како може партиски шефови и функционери да си дозволат јавно да се закануваат, да навредуваат и да пцујат?
КРЕАТОРИ И ДИСТРИБУТЕРИ НА ДЕЗИНФОРМАЦИИ И ГОВОР НА ОМРАЗА
Познато е дека оваа раководна гарнитура е под силна критика во меѓународните форуми, а нивните имиња се влечат по извештаи и студии за дезинформации и лажни вести, во кои тие самите се протагонисти – креатори и дистрибутери на дезинформации и говор на омраза. За нивна среќа, во земјава имаат доволно медиуми под своја контрола во која можат да глумат некаков фактор и опозициски „баланс“, но тоа е приказна за медиумите.
Фактите за нивното деструктивно однесување се непобитни. Иако, искрено, често зачудува леснотијата со која медиумите преоѓаат преку ваквото однесување, но тоа е друга тревожна приказна.
ДА СЕ БИДЕ ОДГОВОРЕН И ТРАНСПАРЕНТЕН
Да се биде одговорен и транспарентен е прашање на елементарна пристојност, па и политичка писменост. Политичките партии и нивните лидери и портпароли имаат обврска да одговараат на сите прашања поставени од јавноста. Дури и на приватни прашања треба да одговараат, како што тоа го прават политичарите кои му припаѓаат на нормалниот, модерен, демократски свет. Мораат да им одговорат на сите, како на „своите“, така и на оние кои не им се по волја.
Зошто? Одговорот е едноставен. Користат пари од буџетот на сите граѓанки и граѓани. Не мора ни прес легитимација да имаме, за да ни одговорат на прашањата. Јавни личности се!
Дали мислат дека ако не одговорат, прашањата ќе исчезнат? Можеби, но таа среќа ја немаат. Прашањата не исчезнуваат. Правилата важат за сите подеднакво, а особено за јавните личности и за оние што ја бараат довербата од гласачите.
УШТЕ ЕДНАШ, БОЛДИРАНО
Затоа, уште еднаш, болдирано (може и некој од портпаролите да одговори): На што се должи тоа пцуење на Мицкоски по социјалните мрежи? Дали на повидок е нова партиска стратегија според која вокабуларот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се спушти уште едно скалило подолу, поблиску до оној на фејк-Левица? Како може партиски шефови и функционери да си дозволат јавно да се закануваат, да навредуваат и да пцујат?
И едно лично до Мицкоски, исто така, болдирано: Навистина, какво е ова пцуење по социјалните мрежи, господине Мицкоски? Кој Ве научи така да пцуете? Мислите ли дека тоа е убаво? Што велат на тоа Вашите студенти?
Текстот е личен став на Авторот.
Creative Commons 4.0