пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Глупоста што ја доживувам – и тоа сè посилно, на начин кој сè повеќе понижува, кој ме угнетува и ослабува – многу се осили.
Тука не станува збор за оној познат контингент глупост, сè уште непремавната, со која развојот порано или подоцна ќе се пресмета. Овде е во прашање глупост која оди во чекор со разумот. Која со него заедно расте.
На сè поблагородниот квалитет на разумот одговара сè поподла категорија на глупост, таа глупост станува сè попростачка и, не благодарејќи му на нешто друго, туку токму благодарејќи му на своето просташтво, таа се измолкнува на сè посуптилните инструменти на интелектуалната контрола… нашиот разум е премногу мудар за да може да се одбрани од глупоста. Во западната епистема, она што е глупаво, глупаво е на гигантски начин и затоа е недофатливо.
А ете, занимливо е: Што повеќе целиот наш духовен напор низ вековите тежнее кон отцепување од глупоста и кон нејзино премавнување, се чини дека глупоста во самото крило на човештвото, коегзистира со разумот.
Дури, се чини дека глупоста е неопходна за животот, зарем без неа жената би сакала да раѓа, зарем без неа би било можно наредувањето и послушноста, механичкиот труд, зарем железниците, рудниците, канцелариите, фабриките, би можеле без тоа масло да работат со сите свои запчаници.
Напорот на епистемата, кој тежнее кон чистење од глупоста, не наидува на потврда во внатрешната организација на човечкиот вид.
Ова е тема со која Гомбрович го завршува својот Дневник.
Годината е 1966.
Една година подоцна Македонија ја заокружи институционалната конституција со формирањето на МАНУ и на МПЦ. Тие форми, заедно со развојот на УКИМ, беа израз на разумот во тоа време, симпатична, дури и убава парада на националната самопотврда, но со супстанца која на малку подолг рок ќе се покаже неотпорна на новото време на слободата, демократијата и интеграцијата. Затоа што формата (национална) ја доминираше суштината (знаењето, верата, културата). А во комбинација со истрајноста на старите облици, полека, но сигурно, се претворија во извор на капиталната глупост која, еве, гледаме, лежи во крилото на македонскиот разум и се заканува да го задуши.
Не само во тие институции, туку во целото општество.
На второ место на структурните извори на глупоста, би ставил некои историски аспекти на конституцијата. Како знак и израз на тоа што денеска се јавува како национална глупавост. Тоа што денеска ни се случува добива такви димензии што дозволува да се посомневаме дека во самото раѓање на Македонија и на македонската нација, глупоста била важен фактор, можеби кум, не знам, нешто што ќе ја одреди таа материја како субјект со ограничен рок на распаѓањето.
Транзицијата во независноста, демократијата и пазарното стопанство, беше изведена без реален поглед врз себе и врз светот во кој се случува таа транзиција, без план сообразен со можностите, ресурсите и односите, внатре и надвор. На тековен план, глупоста дојде до израз во истрајувањето на Уставот и при неговата јасна немоќ да ги совладува и хармонизира меѓуетничките односи во услови на демократија. Поразите беа единствената шанса Македонците, кои во меѓувреме загубија многу од гравитационата моќ, да станат свесни за тоа. Така бевме дошле до Охридскиот рамковен договор.
Втората бламажа беше антиквизацијата која покажа колкави лежишта на глупост се кријат во длабочините и плиткостите на македонскиот корпус.
Третата заебанција се случи со бугарската блокада која е самата глупост од вселенски размери, но ја потенцираше и македонската глупост да излегува на двобој со оружјето со кое е најслаба: Историјата.
Историјата и односот кон историјата, односно кон големи пластови од историјата, тој страшен фатализам и детерминизам, како купишта наше и позајмено ѓубре, го блокираат нашиот хоризонт, на посебен начин нè прават глупави и не ни дозволуваат да се ослободиме и вразумиме, односно да се вразумиме за да се ослободиме.
Вмро е мит и концепт кој ја потврдува, ја илустрира и ја произведува оригиналната, органска, би рекол, глупост, со географско потекло: Македонија.
Вмро-дпмне е израз на несвеста на Македонецот за себе. Воопшто, а особено денеска, кога тој мит и тој концепт, во неговите раце се катана со која си ја отвора утробата и цревцата и ги нуди на кучињата на историјата.
Тоа е, драги другари и другарки.
Никакви досетки, пцости, пожари и пучеви, антивакцерства, тоа не можат да го скријат.
Да не се луѓето во вмро и околу вмро толку глупави за таа опција би можел да ги држи само срамот што некогаш биле со неа и за неа.
Вака ги држи и надежта, а тоа е повеќе од страшно.
За нив и за сите нас.
Тој што нема срам и страв од себе, од судбината и од Господ, може да остане со злото и распадот, кој не може да биде само на некаква Македонија и на власта, туку ќе биде и на неговата фамилија и на него, на сите, само ако е исклучително глупав.
Само на тешка форма на национална глупост може да ѝ текне националните реализации во 21 век да ги реализира со ова чудо од просташтво, неукост, празна парадност… а уште поголема глупост мора да стои зад политичкиот статус на оваа здружение на смртта, фактот дека тие се и денеска еден од двата пола на македонскиот политички систем.
Тоа е.
Само уште две работи: техничкиот и технолошки напредок, компјутерите и мобилните телефони и таблети и особено социјалните мрежи, ги зголемија можностите на човекот, но истовремено според формулата на Гомбривич „колку попаметно, толку поглупаво“, го декапацитираа човекот во неговиот разум и морал, во неговата социјална функција, во неговите рефлекси, тие фактори го разбудија и го факторизираа најдолното просташтво кое сега диктира некои јавни дискурси. Катастрофа. Во такви услови изборите ќе бидат, можеби, израз на расположението на јавноста, но расположението на јавноста и јавноста, се хистеризирани будалаштини.
Второ, Македонецот потона во глупоста затоа што глупоста му се виде како згоден клуч за ослободување од стегите на разумот. Разумот не ти дозволува сè, разумот е разум, меѓу другото, затоа што те ограничува, а глупоста е платформа на која можеш да правиш што сакаш. Можеш да се исереш во шољата за кафе лате, да порачаш лажичка и да се изедеш самиот себе, утре ќе добиеш две реакции: комуњарска будала или патриотска саможртва.
Се надевам дека сликата што ја добиваме преку фејсбук и другите медиуми, не е сосема реална затоа што тука се уфрлени многу ботови и други агенти на специјалната војна во која, меѓу другото, се произведуваат вакви катастрофичности.
Нашите можности за политички и партиски преформулации се речиси исцрпени. А нацијата се однесува како дека натпреварот само што не почнал. Тоа ќе нè одведе во бугарско сценарио, како последно предворје на смртта или прво ќе нè умре, па Бугари ќе можеме да си играме на оној свет.
Сите исходи се крајно праведни.
Особено фаталните.
Конечно, мора да разбереме дека сме во војна на сè или ништо, не војна за или против вмро и сдсм, туку во војна да се биде или не.
Глупоста и будењето на глупоста се оружје и орудие на таа војна.
Земете воздух, па издишете се до последната капка кислород, како кошаркар пред да шутира слободни, одлепете се од дневните феномени и слики што ви ги наметнуваат како критериум, ако сакате да донесете разумни решенија.
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.