ПИШУВА: БОКИ БУРГИЈА
Кога срамот за него би бил позната категорија на човечко чувство, ќе се покриеше во луксузот во Будимпешта реализиран со украдени стотици милиони евра од Македонија, и ќе молчеше. Барем малку да имаше срам ќе молчеше. Се јавува со статуси на ФБ со текстови кои во трета децимала соодветствуваат со неговиот режим, со неговиот начин на владеење, обвинувајќи го Заев за некакво си талибанско судство. Неговото Сварофски, го преименува во талибанско судство и најверојатно верува дека напаѓајќи со мантрата на криминалецот “држте го крадецот“, ќе се исчисти пред разумниот свет во Македонија. Ало Франкфурт, преку Будим, дали се слушаме, се читаме ли?! Што сака да постигне Груевски од здравиот разум во Македонија? Да поверуваме дека врз него се врши политички прогон преку монтирани судски процеси? Верува дека ќе ги заборавиме “шамарите“ кои директно ги нарачуваше а воедно и носеше обвинение за тој што ќе исшамара дека нема да одговара кривично, туку, само прекршочно? Тоа ли се обидува да го избрише од мемориите на здравиот разум во државава? Или можеби оние разговори за “Тенкот“ со фул опрема, да, да, “нека биде фул за да имаат девојчињата што да гледаат додека ги возат во него?“ Се обидува да заборавиме на “џабалак“ плацеви на падините на Водно, да заборавиме на “му течеше низ ногавици“, на “Миле, а да не ја тупиме, да идеме со динамит“, или на “да не е многу бе Миле?“. Да, бесрамникот кидна од тој истиот Миле пред кого висат долгогодишни затворски казни затоа што ги тинтрал неговите желби, бил лојален послушник па свесно го правел и тоа што не смеел, тоа што било незаконски. Бесрамникот се обидува да му го наметне на Заев неговиот стил на владеење и судски нарачки, како нарачател на политички креирани судски обвиненија и пресуди, а истовремено без трошка срам заборава како неговиот режим, апсеше, притвараше, рушеше телевизии и грандиозни објекти во градба, притвараше недолжни жени, и бремени, новинари, неистомисленици, политички противници, и кисело, расипано се кикотеше врз на туѓите животни судбини кои тој ги креираше.
Со овие негови коркачки ФБ објави тој се обидува да заборавиме на тоа дека загушуваше фирми кои му конкурираа на Мијалков и нивната семејна компанија, со Камчев буквално го доизграбаа тоа што малку вредеше а беше останато, и без око да им трепне сите кои му се противставија ги осуди на долгогодишни затворски казни без никакви релевантни, издржани докази, па за истите, сега, ограбената држава повторно ќе плаќа високи обесштетувања после Стразбур. И тој, коркачот, сега бара докази во процесите кои се водат против него, од далеку? Да се најежиш.
Јасно ми е зошто неговите приказни поминуваат кај “попрсканите“ со античкиот македонизам, кај “душичките“ кои за сендвич и сладолед се’ уште се под дејство на хемикалијата на најлажниот патриотизам демоснтриран преку него и му лајкуваат, некои платени идиоти каобожемски новинарски бардови го споделуваат во името на демократското право на слободно изјаснување. Абе ај…
А тој, Никола, прво, не е слободен за слободно да се изјаснува. Тој е во бегство и од странство се изјаснува како слободен. Таму е слободен. Тој е осуден правосилно, и треба таков третман да му даваат сите од здравото ткиво овде, посебно од новинарското, (да не го рецкаат), затоа што ако беше мудоња, како што се прави од Будим, овде ќе ги презентираше неговите и ќе ги демантираше доказите на обвинителството, и ќе се бореше, и ќе ги прифатеше сите обвиненија против Миле ми текна, против Гордана и останати како негови наредби, па делумно ќе ги ослободеше од обвиненија, и во најмала рака, сега ќе дремеше во некоја келија во Идризово и ќе пишуваше мемоари во стилот на “Мај Кампф“, ама како прав вморовец, како саможртва, како егејски Гемиџија, а не како слободен во друга држава киднат од сопствената у багажник, оставајќи ги на цедило сите, и оние од 27 април и сите други кои се влечкаат секојдневно по судови, гнијат по затвори а ги следеа неговите кеифови и желби. Сите овие дела за кои се гонат негови соработници се дела сторени во времето кога ТОЈ беше “патриотот“ на врвот од власта и издаваше наредби. Прав лидер, водач, вморовски идеолог, карактерен, цврст, револуционер, како капетан на бродот кој тоне ќе ги превземеше сите нивни дела во кои беше фатен со спуштени гаќи, и барем ќе им олеснеше пред “талибанскиот“ суд на Заев. Да, ќе беше ако беше, ако имаше барем малку срам. На ваков начин се обраќаат, слабаци, лажговци, непатриоти, коркачи, мизерни карактери, бесчувствителни к’рлежи арамии.
Имаше среќа што успеа да кидне, иако во тоа негово коркачко дело се’ уште не е докажано кој друг учествувал, кој му помогнал, ама и тоа ќе се разјасни. Кај и да е. Да имаше барем малку чувство на срам, таа македонска несреќа која се одзива на презимето Груевски ќе молчеше, ќе се покриеше. Само човек без срам, може да стане срам, и за себе и за Нацијата…
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.