Извршниот одбор на СДСМ вчера одржа седница на која беа дефинирани уште неколку нови, дополнителни кандидати за градоначалници.
Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, на прес-конференција објави 16 кандидати за градоначалници. Од поголемите општини, Николовски го промовира екс министерот Горан Сугарески како кандидат за градоначалник на Прилеп. Николовски рече дека според сите анкети Сугарески е со најголем рејтинг од било кој кандидат на другите политички партии. Душко Весковски актуелниот директор на ЈП Водовод Скопје ќе биде кандидат за градоначалник на општина Карпош, поранешниот пратеник Александар Филиповски ќе оди како кандидат за општина Аеродром.
Александар Тодоровски е кандидат за градоначалник во општина Илинден.
Во Тетово кандидат за градоначалник на СДСМ е Хемди Алезовиќ, а пратеникот д-р Ненад Коциќ е кандидат за градоначалник на Велес.
Во Кавадарци СДСМ го кандидира Горан Тодоров, објави Николовски на денешната прес-конференција..
Како фаворити кои ќе бидат промовирани наредната недела во вторник, неофицијално се спомуваат Горан Герасимовски за општна Центар, актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска се очекува да добие шанса да се бори за втор мандат, а пратеникот Костадин Костадинов е адутот што се спомнува на СДСМ во Струмица.
Сите утврдени кандидати се дел од најдобрата понуда за локалните избори, велат од СДСМ.
Досега се објавени имињата за кандидати за градоначалници од редовите на СДСМ за 50 општини.
Ј. Ѓ.