– Денес од Ринас пристигнаа 275 бегалци од несреќниот Авганистан, меѓу кои жени активистки на граѓанското општество, едукатори, вработени во институции, новинари, заедно со нивните семејства, ви посакувам мирен викенд, напиша премиерот на Албанија Рама на својот Фејсбук профил.
На видеото чиј што пренос утрово беше во живо, премиерот ги дочека патниците на аеродромот, посакувајќи им добредојде.
Како можеме да дозволиме овие луѓе да умрат? Како да им ја затвориме вратата? Работиме на нивно сместување, ќе примиме околу 4 000 бегалци, вели Рама претходно во интервју за Си-ен-ен. Тој посочи дека одлуката на албанската влада да им помогне на Авганистанците не е од верска природа, додавајќи дека фактот што Албанија и Авганистан се претежно муслимански земји нема влијание врз одлуката на владата за прифаќање бегалци.
„Јас сум католик. Мојата сопруга е муслиманка. Двете постари деца се православни. Нашиот најмлад син, ако сака, може да избере да биде од еврејска вера. Се работи за луѓе, без разлика на бојата на кожата, културата или верата“, рече Рама.
Според него, доколку Европската Унија и САД одлучат да ја повлечат поддршката за авганистанските бегалци, Албанија нема да го стори тоа, туку ќе им обезбеди азил.
М. М.