пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ/ЦИВИЛМЕДИА
За првпат во историјата на нашата земја, на локалните избори во октомври копјата ќе ги вкрстат две комплетно мултиетнички коалиции. До неодамна, ваква ситуација беше незамислива, а многу аналитичари велеа дека кога ќе се случи, тоа ќе биде вистински знак дека општеството тргнало во вистинска насока. Не во борба на етно-националистички наративи, туку во борба за вредности и решенија за вистинските, реални проблеми што ги засегаат сите граѓан(к)и на нашата земја.
Надвор од оваа борба на двете големи коалиции, на маргините и со големи шанси да доживеат дебакл на изборите остануваат политичките радикали и мразачи како Апасиев и нему сличните, кои често ги рефлектираат идеите што се одамна напуштени како деструктивни и му припаѓаат на 19 век.
Но, дали е тоа навистина така?
На прв поглед, ова го бараше и сонуваше прогресивниот дел од општеството речиси три децении. Од едната страна, политичките партии лево од центарот – СДСМ со ДУИ и повеќе други помали партии со различна етничка припадност. Слична, комплетно етнички шаренолика структура сега нуди и новата мултиетничка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците и Алтернатива.
Создавањето на овие две големи коалиции може дефинитивно да значи издишување на балонот на меѓуетничката омраза, која го држи целото општество во повеќедецениско заложништво. Ќе биде навистина тешко и за кандидатите и за партиските пропагандисти и агитатори, дали на терен меѓу гласачите, или пак на социјалните мрежи отруени од радикална реторика, да ги напаѓаат своите противници на етничка основа.
Ова секако дека отвора голем простор за да се дебатираат оние прашања, кои со години, поради доминацијата на етничката конфронтација меѓу партиите, беа запоставувани и маргинализирани.
Ако на тоа се додаде фактот дека изборите во октомври се локални, граѓаните, без оглед на нивната припадност, со право ќе очекуваат конечно да слушнат нешто за тоа што ги засега директно нив, нивното маало, село и град, што ќе понудат конкретно политичарите за нивна подобра иднина преку локалната самоуправа, која е најблиску до нив, и чија работа или заспаност најдиректно и ја чувствуваат.
Но ајде да ги анализираме малку политиката, реториката и дејствата на предводниците на овие коалиции, за да видиме колку е ова оптимистичко и реално остварливо во пракса.
СДСМ-ДУИ, со многу грешки во чекори и бавно, но сепак – напред
СДСМ и ДУИ се пионери во предизборното мултиетничко коалицирање што ги вклучува и партиите на Албанците. Ја направија првата ваква коалиција уште на локалните избори во 2017. Тоа им донесе голема победа, од која и самите беа изненадени.
Но дел од гласачкото тело, особено на СДСМ, се разочарани од бавниот прогрес, од случаи на корупција, од некои функционери што не го испорачале ветеното кога трчале по гласачи, а после се изгубиле.
Тука е и разочараноста од несмасноста за капитализирање на видливи успеси, како затворските казни на главните играчи на избеганиот осуденик Груевски, како неговиот братучед Мијалков, ексминистерката Јанкуловска, пробивот во судските реформи и разрешувањето на корумпирани судии, зголемената транспарентност на институциите, признавањето и поправањето на грешките, бегањето од спроведување политички реваншизам итн. Разочарува и недоволната храброст за поголеми реформски резови, за порешителна борба против омразата, лажните вести, насилството…
Тоа што не може да ѝ се негира на оваа коалиција, особено на поголемиот партнер во неа, СДСМ, е една прилично пристојна конзистентност во спроведување на концептот на „Едно општество за сите“. СДСМ имаше и потпретседател на партијата Албанец, има вицепремиер Албанец од своите редови, функционери Албанци и од другите заедници во сите ешалони, и прилично упорно, иако со променлив успех и со многу удари од повеќе страни, ја турка оваа важна приказна за напредокот на општеството.
ДУИ, пак, по 20-годишното капитализирање на етнички теми што ѝ носеше изборни победи речиси исто толку години, по ударот од гласачите во 2016 поради коалицирањето со националистот Груевски и молкот кон етничката омраза, како и партизирањето на администрацијата и „недопирливоста“, откако се врати во „живот“ и кондиција, од годинава радикално ги смени официјалните политики. Се „обои“ во зелено и најави фокус на прашањата од доменот на животната средина. Се разбира, поради минатото на оваа партија, со право, добар дел од јавноста ги дочека овие најави со скепса, па и со потсмев.
Новата коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, нова понуда или есап за гласови?
На новата предизборна мултиетничка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците ќе ѝ биде многу потешко да парира на овој план.
ВМРО-ДПМНЕ го има искуството од владеење во вакво опкружување, и со ДПА (од која се роди Алијанса за Албанците) на крајот на 90-тите со концептот „релаксирани меѓуетнички односи“ на двоецот Георгиевски – Џафери.
Но таа коалиција ја детерминираше еден практичен однос на етничка поделба на „изборниот плен“, симболично прикажан во често цитираната реченица на тогашната висока функционерка на партијата, Доста Димовска, дека тоа што е „отаде Групчин“ не е предмет на интерес на партијата.
Второто искуство е еднодецениското владеење на Никола Груевски со ДУИ, кое беше карактеризирано со зголемување на етничките поделби, етноцентризам на владините партнери и конфронтација со Албанците во јавноста од една страна, и жестока клиентелистичка соработка и корупција во кабинетите на власта од друга страна. Затоа оваа коалиција во јавноста, со право беше карактеризирана како „тендер-коалација“, или „ДУИ-НГ (Н.Груевски) бизнис“ коалиција.
Или ако сумираме, искуството на ВМРО-ДПМНЕ ниту е за пофалба, ниту е нешто што треба да и се повтори на земјата.
Алијанса за Албанците, пак, како помал партнер во новата коалиција, има далеку помало искуство и во владеењето, па и во меѓуетничката соработка од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија досега постојано се трудеше да придобива гласови исклучиво меѓу Албанците, конфронтирајќи се со ДУИ токму на полето на патриотизмот, како и со македонските партии.
Од првичниот концепт на федерализација што беше брзо заборавен (под притисок на странците) и заменет со понуда за двонационална држава и два конститутивни народи, Алијанса за Албанците има малку сменето во нејзината реторика и политики. Резултатот за партијата е прилично поразителен – освен неколку успеси на локално ниво, нижеа порази на речиси сите избори досега, иако бројот на гласачи е во пораст.
За време на кампањата на Претседателските избори во 2019, со умерениот кандидат, амбасадорот Блерим Река и со многу поинклузивна реторика, партијата освои околу 80.000 гласови, најмногу дотогаш, а и оттогаш. За секое умно раководство, тоа би требало да биде сигнал за тоа што бараат гласачите и во кој правец треба да се движи партијата.
Но, освен овие климави „темели“ и искуства од минатото, главното што ја прави неприродна коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците, е баластот од крвавиот напад на Собранието на 27 април 2017 година.
Највидливата жртва на тој крвав упад на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ диригиран од највисокото раководство на партијата, на кој му претходеа неколку месеци протести полни со навредлива реторика и крајна омраза кон Албанците – беше токму лидерот на Алијансата, Зијадин Села. Тој беше претепан речиси до смрт од напаѓачите, изнесен од Собранието во бесознание и се бореше за живот на скопската клиника.
Дури и до вчера, од агитаторите на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи можеше да се прочита дека на „шиптарот Села му е малку ќотекот што го доби во Собрание“. Пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ често ги извртуваше и манипулираше изјавите на Села за да го претстави како најголемиот анти-Македонец, иако, за волја на вистината, и тој често газеше по тенка линија, со помпезни и радикални изјави со кои се надеваше дека ќе капитализира кај Албанците иритирани од националистичкиот однос во нашето општество, не само од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа реторика од вчера ја снема, како со магично стапче. Или, како во „2-те минути омраза“ во култното дело на Орвел „1984“, кога публиката која мрази и вика против еден непријател, по потпишување на сојуз со него, заборава во секунда што плукала до пред малку и ја насочува омразата кон новиот непријател. Што, впрочем, не е непознато и кај другите актери на македонската политичка сцена, на пример, јавноста ги памети жестоките пораки што си ги упатуваа сегашните владини партнери СДСМ и ДУИ во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани во 2019, а одржани во 2020 година.
Можеби на ВМРО-ДПМНЕ му е полесно да управува со своите гласачи, кои се жртва на долгогодишно манипулирање со лаги и жестока пропаганда за перење мозоци од моќната медиумска и партиска машинерија.
Таков однос имаа и кон ДУИ. Јавноста добро се сеќава како се однесуваше партијата и гласачите кон „командант Форина“ од ДУИ. Едно беше кога Талат Џафери беше министер за одбрана во владата на ВМРО-ДПМНЕ, сосем друга реторика кога стана претседател на Собранието во гласањето по кое следуваше крвавиот упад на 27 април.
Далеку потешко ќе биде за Алијансата на Албанците да ги убеди своите гласачи дека овој „лупинг“ во политиката на партијата е добро промислен и се базира на вредности. Особено, ако се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се извини за 27 април и обидот за убиство на Села, насилниците од тој крвав напад ги смета за „македонски патриоти“, а партијата сè уште не го сменила односот кон Албанците и националистичката реторика.
Освен тоа, Алијанса за Албанците беше дел и од коалицијата што го поддржа Референдумот за промена на името, уставните измени, додека ВМРО-ДПМНЕ сè уште го смета тој договор за предавнички и штетен за етничките Македонци. Додека челниците на Алијанса за Албанците, и Села и Таравари, до вчера повеќепати во медиумите изјавуваа дека не седнуваат на маса со партии што се против Преспанскиот договор. Ќе биде ѓаволски тешко да се објасни ова пред гласачите Албанци, особено ако се има предвид дека гласачите на Алијанса и Алтернатива не се традиционални гласачи, овие партии се прилично нови, и зависат од неопределените, или пак од гласачите разочарани од ДУИ и од некогашната „мајка“ ДПА.
Шансата за подобра иднина за сите нас – е тука
Токму во овие констелации, лежи и заедничката шанса за целото општество. Многу е веројатно дека и коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – Алијанса – Алтернатива ќе се труди да бега од болните етнички теми и да се фокусира на оние што се навистина важни за граѓаните. Иако, без вистински докази дека се оттргнале од етноцентризмот што беше стожер на нивните политики од самиот почеток. Конкретната понуда, освен општите флоскули „за борба против корупцијата и за добро на граѓаните“ (декларативно омилени кај сите партии), сè уште не е објавена пред јавноста. Тоа ја зголемува скепсата, и ќе биде така, сè додека не се види што конкретно договорила и ќе понуди новата коалиција.
Владејачката коалиција СДСМ-ДУИ ќе им биде моќен противник на новата коалиција ВМРО-ДПМНЕ-АА-ААА. Ќе биде исклучително тешко да се победи. Не само поради навиката на многу гласачи да гласаат по инерција за оној што е на власт. Иако со многу пропусти во владеењето во изминативе 4 години, оваа коалиција влегува со прилично голем капитал на внесување на земјата во НАТО, затворање на прашањето со спроведување на Рамковниот договор, со етаблирана инфраструктура во институциите, со проекти со кои може да се пофали како власт наспроти опозиционерите што ја немаат таа можност.
Исто така, многу е извесно дека ќе биде невозможно во оваа битка на двата мега – табори да се вмешаат политичките маргиналци и радикали како Апасиев и неговата крајно десничарска „Левица“, или пак независните листи, дел од кои делуваат симпатично (иако прилично наивно и изгубено), а дел, иако се декларираат за „зелени“, се доминирани од луѓе премачкани со сите бои.
Во секој случај, шансата за подобро, поинклузивно општество, за борба на вистински политички концепти и конкретни проекти за доброто на граѓаните, за бегство од ропството на етно-национализмот и поделбите – е тука. Повидлива и пореална, од било кога.
Редот е сега на граѓаните. Да бараат повеќе, да бараат аргументи, докази и објаснувања, да бараат натпревар меѓу понуди а не меѓусебни напади, да ги натераат партиите – да не биде ова само претстава за народ која завршува со разочарувања за граѓаните и лични придобивки за политичарите.
Шансата да се оди напред е тука. Од сите, и од граѓаните и од политичарите, ќе зависи дали таа шанса ќе се зграпчи или ќе се пропуштиме, дали земјата ќе остане заглавена во поделбите и минатото, или ќе зачекори похрабро кон подобра, помирна и попросперитетна иднина за сите граѓани – без оглед на политичката определба или етничката припадност.