Пожарот во болницата избил со голема брзина, пред околу еден час, изјави вечерва градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која рече дека засега нема информации за жртви, пренесува 360 степени.
„Информирана сум дека толку брзо се случило. Немам други информации за можни жртви, тоа официјално ќе бидеме информирани. Апсолутно жалам многу, болни луѓе тука биле на лекување“, вели Арифи.
Таа вели дека за состојбата на пациентите и каде се евакуирани, исто така, дополнително ќе се добијат информации и од болницата и од полицијата.
Повеќе од 30 пожарникари кои интервенираа со седум возила за речиси половина час го изгаснаа пожарот што избувна вечерва во модуларната болница во Тетово, пренесе МИА.
Како што изјави заменик-командирот на тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски, пламените јазици биле огромни, а од болницата се ваделе и жртви, но тоа се очекува да биде и официјално потврдено.
-Во 21 часот и две минути е пријавено дека гори модуларната болница во Медицински центар – Тетово. Екипите за три-четири минути пристигнаа на лице место со околу седум возила и над 30 пожарникари учествуваме од двете страни. Екипите кога пристигнаа, се беше во пламен. Тоа е внатрешно, не е надворешно. Се што е од наша страна употребено во 21 часот и 30 минути е локализиран пожарот. Во 21 часот и 45 минути е ликвидиран комплетно. Додека се гасеше пожарот, пламените јазици беа огромни, модуларната болница е се со пластика, се вадеа и жртви. Не може да го знаеме бројот, се уште немаме евиденција да видиме колку се, што се. Мислам дека има уште една жртва онде што седи, таа е проверена, најверојатно е и почината. Но, има служби што работат на тоа и треба да утврдат од што е и како. Ние не можеме за тоа да даваме информации. Службите ќе го средат тоа, изјави Трајчевски.
Според него, пожарот е изгаснат моментално, а употребени биле сите расположливи средства.












































































































