Среде тридневна жалост по трагедијата која се случи во тетовската модуларна болница, каде животот го загубија 14 лица, опозицијата продолжува да се обидува политички да поентира. Вечерта, кога се случи трагедијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил напиша дека „сите капацитети на партијата се на располагање“. Оттогаш па наваму, во сите партиски соопштенија, тие изразуваат и поттикнуваат сомнежи во независната истрага. Без никакви докази и аргументи, прстот директно го вперуваат кон премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, барајќи оставка.
Со ваквата реторика и насоки, кои потоа членовите на партијата ги шират на социјалните мрежи, ВМРО-ДПМНЕ директно се впушти во поткопување на довербата во институциите, со што, пак, индиректно врши притисок токму врз обвинителите задолжени за истрагата.
„Нема објективна истрага со Заев и Филипче“, „Владата молчи и не дава информации“, гласат дел од насловите на партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ, со кои дополнително сеат паника, недоверба и омраза кај граѓаните.
Деструктивноста, како и секогаш во тешките мигови со кои се соочувала нашата земја, единствено ја манифестираат со шпекулации и ширење конспирации и теории на заговорот, без воопшто да ги почекаат податоците од вештачењето.
Од друга страна, раководството на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, неколкупати во своето единаесетгодишно владеење, се најде во ситуација да менаџира во услови на природни катастрофи и слични непогоди. И покрај жртвите, вмровската власт никогаш не се ни обиде да работи на решавање на проблемите. Напротив, фокусот секогаш им беше на нивните некапитални инвестиции, како што се стотиците споменици во центарот на Скопје.
За разлика од нив, тогашната опозициска партија, која сега ја предводи Владата, бараше одговорност врз основа на факти и издржани аргументи за нивното неодговорно работење. И сега владата се држи до својот збор и за конкретниот случај со пожарот во модуларната болница, веќе работи одговорност да има и тоа врз основа на одговорите што ќе ги даде независната истрага, во која дури ќе бидат ангажирани и странски експерти.
Сепак, најверојатно во намера да се добие глас повеќе на претстојните локални избори, раководството на ВМРО-ДПМНЕ веќе не бира средства и си поигрува со мирот на граѓаните, креирајќи гнев, што особено на социјалните медиуми се преточува во директни закани по животот на функционерите и на сите што не се согласуваат со нив.
Д. Е.