По предлог од пратениците од парламентарното мнозинство на дневен ред на денешната седница се и дополнувањата на Законот за облигационите односи. Со предвидените дополнувања, се додава нов член кој гласи: Кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече, вели Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
-Ова во пракса значи дека нема повеќе да има ситуации каде некој граѓанин за долг од на пример 500 денари да плаќа 5.000, 8.000 па и 10.000 денари по основ на камати. Со предложените измени предлагаме каматата да не смее да биде повисока од долгот. Примената на Законот е предвидена од октомври, 2021 година, а со него се решава една долгогодишна неправда кон бројни категории граѓани, се решава еден голем и тежок проблем на учесниците во правниот промет, објасни Митрески.