Нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа, во полуфиналето на турнирот во Висбаден, Германија, со награден фонд од 80 илјади долари (категорија W80), пред неколку моменти доживеа пораз од првата носителка на турнирот Французинката Клара Бурел (4:6, 6:4, 6:4).
Бурел моментално е 85-та на листата на најдобри тенисерки во светот, а настапи и на главниот турнир на УС-Опен..
Се чини клучен момент беше одлучувачкиот трети сет, кога Ѓорческа имаше брејк во своја полза при резулта 3:1, а првата носителка успеа тоа да го надомести и потоа да го добие сетот и мечот.
Ѓорческа играше одлично на силниот турнир во Висбаден. Извојува пет победи. Ја победи и Мелникова, 4-та носителка на турнирот и 138 места подобропласирана на ВТА листата од нашата Лина. Нејзина „жртва“ во четвртфиналето беше Италијанката Федерика Ди Сара, 210-та на ВТА листата и осма носителка на овој турнир.
Со пласманот во полуфиналето Лина Ѓорческа освои 47 нови поени, од кои 42 на главниот турнир и 5 од квалификациите и ќе направи голем скок на ВТА листата.
Ј. Ѓорѓиоски