Кампањата за локалните започнува утре… „Гласаме“ – неопходна видео лектира за гласачка свесност… Трајановски со анализа за кампањите, аналитичарите за локалните избори во Скопје… опаѓа бројот на новозаразени и активни случаи од коронавирусот… Германците денска гласаат кој ќе ја замени Меркел… премиера на перформансот „Драга Републико“…
ИЗБОРИ, ПОЛИТИКА
Изборната кампања за Локалите избори 2021 закажани за 17 октомври ќе почне утре (27 септември) и ќе трае 20 дена пред денот на изборите. Учесниците на изборите, политичките партии и независните кандидати веќе го најавија почетокот на кампањата, како и активностите што ќе следуваат.
Видео спотот „Гласови!“ е атрактивно, уметничко видео посветено на, како што тоа го нарекуваат креатор(к)ите, гласачката свесност. Овој интересен видео спот е резултат на соработката меѓу организациите Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и ЦИВИЛ.
КОЛУМНИ, АНАЛИЗИ
Колумна на Жарко Трајаноски: Локалните избори во Скопје: Анкети, аналитичари и кампањи. Според едно „непишано“ правило, победата во главниот град Скопје се смета не само за победа на локалните, туку и на парламентарните избори. Токму затоа и политичката битка за Скопје како „круна“ на секои избори беше набљудувана и анализирана со посебен интерес на последните локални избори во 2017.
Ненад Јовановиќ: Ако госпоѓата Арсовска, која претендира да води град, и тоа не било кој град, туку град Скопје, престолнина на државата, притоа не знае да се објасни себе која е и што е, што работи и што сонува, како ќе го објасни Скопје и духот на луѓето кои живеат во тој град?
ПАНДЕМИЈА, МЕДИУМИ, ОПШТЕСТВО
Опаѓа бројот на новозаразени од коронавирусот. Вчера беа регистрирани 392 инфицирани од 4.633 тестирања или околу 8,4 отсто. Претходно тој процент беше над 10. Се намалува и бројот на активни случаи. Ако на почеток на септември во државата имаше над 15.000 активни случаи, сега има 12.240.
Доживувањето несреќа или трагедија само по себе е стресно, а сензационалистичкото известување за нив дополнително ги изложува засегнатите на продолжен стрес и влијае врз нивното психичко здравје, како и врз довербата во институциите.
Народната банка ги потсетува младите истражувачи дека е распишан Конкурсот за Годишната награда за 2022 година за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството. Конкурсот, кој се организира изминатите 15 години, има за цел да ја поттикне научната мисла и да афирмира млади истражувачи.
ЕВРОПА
Германците денеска го избираат идниот состав на парламентот и индиректно идниот канцелар, кој ќе ја наследи Ангела Меркел. Гласат околу 60,4 милиони Германци. Се очекува главната борба да ја водат конзервативните демохристијани (ЦДУ и ЦСУ) и социјалдемократите (СПД), кои во моментов заедно формираат голема црно-црвена коалиција, и опозициските Зелени.
КУЛТУРА, СПОРТ
Перформансот „Драга Републико“ премиерно ќе биде изведен вечер во 19.30 часот во зградата на Централната пошта во Скопје по што во 21:30 ќе следува концерт на Мухамед Ибраими. Проектот се реализира со поддршка на Владата, а во рамки на јубилејот 30 години независност.
Усик го победи Џошуа и стана светски шампион во тешка категорија. Усик е вториот боксер во историјата што стана апсолутен шампион во тешка категорија со обединети сите титули. Тој го повтори постигнувањето на поранешниот светски шампион во две дивизии Ивандер Холифилд.
Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах вечерва постигна гол за Ливерпул на гостувањето во Лондон против Брентфорд во Премиер лигата. Ова е 100-ти гол на Египќанецот во англиското фудбалско првенство. За да стигне до оваа граница, на Салах му беа потребни 151 натпревар.
J. Ѓ.