Германците денеска го избираат идниот состав на парламентот и индиректно идниот канцелар, кој ќе ја наследи Ангела Меркел.
Гласат околу 60,4 милиони Германци. Федералната изборна комисија ја одобри кандидатурата на вкупно 54 партии, но на изборите излегуваат 47 партии. Се натпреваруваат 6.211 кандидати, од кои 2.024 се жени.
Се очекува главната борба да ја водат конзервативните демохристијани (ЦДУ и ЦСУ) и социјалдемократите (СПД), кои во моментов заедно формираат голема црно-црвена коалиција, и опозициските Зелени. Тие три партии се единствените кои, надевајќи се на победа, официјално предложија свои кандидати за канцелар.
Олаф Шолц од СПД е најпопуларниот кандидат за новиот канцелар на Германија. Во моментов е вицеканцелар и министер за финансии.
Тој е поранешен градоначалник на Хамбург и кога директно би се избирал канцеларот за него во овој момент би гласале 43 отсто од граѓаните на Германија, а меѓу симпатизерите на социјалдемократите дури 87% избирачи би сакале да го видат како канцелар. Како можен заменик на Меркел го карактеризираат особини како сувопарен технократ.
Граѓаните сметаат дека е добар избор за канцелар бидејќи на Германија ѝ треба човек што цврсто го држи кормилото на државата. Го опишуваат како умерен, но нехаризматичен 63-годишник, кој целиот живот чека да ужива во висока функција. Тој уште со 17 години се вклучил во СПД, една од најстарите партии во Европа.
Армин Лашет од ЦДУ, е долгодишен поддржувач на Меркел. Тој е премиер на најбројната германска сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија и од 2012 година е еден од петтемина потпретседатели на ЦДУ. Тој се смета за близок соработник на Ангела Меркел.
Лашет остана покрај канцеларката Меркел и за време на силните критики на нејзина сметка поради бегалската политика. Армин Лашет е роден во градот Ахен. Од 1994 година бил пратеник во Бундестагот, Европскиот парламент и во покраинскиот парламент во Диселдорф. За овој 60-годишник Германците имаат многу пофални зборови поради неговата способност да ги обедини луѓето.
Аналена Баербок од партијата на Зелените, долги години била заменик-претседател на таа партија, правник е со диплома за меѓународно јавно право на Лондонското училиште за економија. Нејзините поддржувачи сметаат дека е добра за премиер и добар познавач на проблемите во екологијата. Недостаток ѝ е што нема искуство во извршување функции во влада или министерство.
Кандидатката на Зелените, чија партија ќе влезе веројатно во некоја од коалициите, акцентот го става на екологијата и предупредува дека досегашната влада не влијаела доволно да се спречат климатските промени. Во гласачкото тело им поддршка од 15 проценти што ѝ отвора пат да биде коалициски партнер во една од двете најголеми партии.
Покрај нив, во Бундестагот најверојатно ќе влезат и партии кои и сега имаат пратеници – Либералите (ФДП), крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и партијата Левица.
Аналитичарите и даваат одредени шанси и на партијата Слободни избирачи, која на изборите фигурира како мала, иако има пратеници во парламентите на неколку германски федерални провинции, а во Баварија учествува и во покраинската влада.
Ј. Ѓ.