Упатувам голема и искрена благодарност до противкандидатката Данела Арсовска. Кога станува збор за избори, многу ретко се случува да ја видите вашата конкурентка така енергично и неуморно да ги набројува вашите најуспешни проекти, напиша скопскиот градоначалник и актуелен кадидат за прв човек на главдниот град, Петре Шилегов на својот Фејсбук профил.
За еден од последните успешни проекти кои ги реализираше Град Скопје се огласи и СДСМ, од каде за еден од најуспешните инфраструктурни проекти го издвојуват мостот на булевар АСНОМ.
„Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во својот четиригодишен мандат континуирано и неуморно покажува вистинска грижа за скопјани преку реализација на инфраструктурни проекти кои го подобруваат животот на граѓаните и создаваат поинаква приказна за Скопје.
Во таа насока е и мостот на бул. „АСНОМ“, кој по реализација на завршните градежни работи, за помалку од месец дена ќе биде на располагање на скопјани, а особено на жителите на Аеродром, Центар и Гази Баба.
Петре Шилегов е првиот градоначалник од 1965 година чија визија за развој на градот и чувство за вистински приоритети резултира со изградба на овој булевар кој со децении стои во планска документација.
Скопјани, по повеќе децении добиваат нов мост кој создава можност за брза врска на најнаселената општина во Скопје, Аеродром со Гази Баба, преку централното градско подрачје.
На тој начин, времето на патување од Ново Лисиче до Мавровка го скратуваме за околу 70 отсто“, пишува во соопштението на СДСМ.
Д. Е.