Директорот на скопската ЗОО градина, Ѓорѓи Галетановски, реагираше на програмата на кандидатката на Зелен хуман град, Ана Петровска, во која се вели дека, ако таа ги добие изборите, ќе ја затвори институцијата со која тој раководи.
Jа прочитав програмата на „независната“ кандидатка на коалицијата Зелен хуман град, Aна Петровска, па видов дека во програмата нуди затварање на скопската зоолошка од Х банални причини.
Госпоѓо Ана, еве јас како менаџер на оваа институција, поставен од градоначалникот и советот на град Скопје ќе ви дадам 2-3 бесплатни совети за вашата програма.
Зоолошките во Европа и низ светот постојат заради заштита на дивите видови животни кои се во фаза на изумирање. Под мониторинг се на светската организација за заштита на животни ЕАЗА и во нив се вработени 70 стручни лица кои се грижат за животните според стандардите на природата. Освен тоа, зоолошката градина, со помош на градските власти, се погриживме да стане место за едукација и релаксација на голем број деца, возрасни и туристи во нашиот град или ако ви е поедноставно – најпосетена институција во нашата земја.
Иако нема да ја имате таа шанса, немој да пробувате да го уништите слободното време на сите што живеат во Скопје и немојте да ловите политички поени во магла. Скопјани не би ви го простиле тоа. Со самава понуда губите 200.000 гласа.
Ви посакувам среќа на изборите и да се вратите достојно во инспекторатот за животна средина. Покорисни ќе бидете таму – се вели во писмената изјава на Галетановски за Фронтлајн.
Петровска е кандидатка за градоначалничка на Скопје од коалицијата Зелен хуман град.