Се обединуваме за да продолжи развојот на Ресен, за парите да продолжат да се враќаат кон граѓаните и земјоделците, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев од Ресен, после средбата со граѓаните и со раководствата на ДУИ и БЕСА од Ресен.
Заев нагласува дека во овие четири години се постигнати сериозни успеси во делот на економијата. Сите плати се во просек зголемени за над 6.000 денари или за најмалку 100 евра. Невработеноста е на историски најниски 15,9%, за 300% ја зголемивме социјалната помош, зголемени се субвенциите за земјоделците, преку проектот Мој ДДВ преку 36 милиони евра вративме кај над 400.000 граѓани за само две години.
„Што се однесува до земјоделците, до овоштарите и јаболкарите, кои се најзастапени во Ресен, за 20% ги зголемивме субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен капацитет, а субвенцијата за предадени јаболка се зголеми од 2 на 3 денари по килограм.
Субвенцијата за одржување на насади е повторно зголемена и тоа од 33.000 денари на 41.000 денари по хектар, а дополнително, кај оние овоштари кои имаат од 1 до 5 хектари поддршката порасна од 39.600 на 50.000 денари по хектар.
За овоштарите кои имаат насади во подрачја со ограничени можности во области над 700 метри надморска височина, како што е овој регион субвенциите се зголемени за дополнителни 15%, односно поддршката изнесува 57.500 денари по хектар.“, потсети Заев.