ПЕТРИТ САРАЧИНИ / ЦИВИЛ МЕДИА
Гледам, разни суруши, инфлуенсер(к)и и други „битни“ ФБ и Твитер ѕверки на левата и десната рака на ВМРО-МВРО, продолжуваат, ама овој пат „појачано“, да ми прават бесплатна реклама мене, а и на десетина други јавни личности, новинари, граѓански активисти…Почнаа пак да се прават списоци за отстрел, фрчат закани со убивање, бесење, стрелање, навреди, клевети – како „добар ден“.
По не знам кој пат, еве ги пак како се соголуваат себеси и злото што го претставуваат. Малку им требаше. Само еден успех, и тоа не по нивна заслуга туку поради туѓи грешки, за да се осоколат и да го видиме повторно грдото лице на минатото кое се заканува да биде наша сегашност и иднина.
Откако ќе се охрабрат да се „отворат“, обично почнуваат со тоа дека си им небитен, неважен, смешен, за да трошат потоа часови на плукање и навредување, на лаги кои не ги мрзи да ги напишат (или копи-пејстираат) по коментари, групи, страници, профили…
Да им кажам пак на овие „битни“ суруши: Па има ли поубаво чувство од тоа дека ме мислат? Има ли поубаво од тоа дека трошат време, часови, цели денови, да се занимаваат со туѓи животи, да „анализираат“, озборуваат, плукаат, навредуваат, клеветат, се закануваат…?
Цела сурија суруши од две партии и куп разно – разни партиички, иницијативи, патриотски организации и неформални групации, со години, со истата мака. Ги фаќа болеста, секогаш кога ќе налетаат на некој што не мисли како нив и не живее во свет полн лаги, интриги, омраза, насилство и криминал.
Што да им кажам, само нека продолжат. Сè додека ваквите ги нервирам и им го трошам времето, знам дека барем со мене и моите вредности, е сè оу-кеј!
А на сите останати, би им го цитирал големиот новинарски бард Ед Мароу кој рекол дека нација на овци добива власт на волци, или Џон Стјуарт Мил кој рекол дека сè што му треба на злото да победи, е добрите луѓе да не прават ништо.
Или, како што своевремено рече амбасадорот Рикер, ќе го парафразирам – Демократијата е како фудбалски натпревар. Шанса да победат и изгубат, да дадат гол или да примат, имаат оние што гласаат, односно што играат на натпреварот. На трибините може само да се вреви, и да се трпат последиците од резултатот, без никакво влијание на нив.
Да не биде, дека не било речено!
Преземеноод Цивил Медиа. Текстот е личен став на авторот