„Обединети – напред” е благородна визија и е најважната рационална цел – да продолжиме да се развиваме во духот и рамо до рамо со прогресивниот свет. Тоа е патот за на којшто пат сме посветени и за што се обединуваме. „Обединети – напред” е единствениот концепт, којшто во себе го носи капацитетот, да го осигура прогресот на државата. Тоа е и основниот предуслов за спокоен и квалитетен живот на секој човек и на секое семејство во нашето, заедничко Скопје, но и во нашата, заедничка држава, Република Северна Македонија.
Вака го започна своето обраќање лидерот на СДСМ Зоран Заев, на големиот граѓански собир во салата Борис Трајковски во Скопје.
„Во име на нашата заедничка определба за прогрес, се обраќам до сите граѓани: Барам поддршка за нашата заедничка прогресивна иднина. Скопје – европски град. Скопје кое сплотува, Скопје ваше, наше, на сите. Скопје кое работи за тебе. Северна Македонија – европска држава, достојна членка на НАТО, меѓу демократските држави во светот. Интегрирана, земја која испорачува мир, земја која е дел од отворениот прогресивен свет.
А ти Борче. Ти Јелена. Ти Вјоса…. Александар, Џеврие, Хисни – вие, ние – европски граѓани.
Можно е. Остварливо е. Неопходно е ОБЕДИНУВАЊЕ“, рече Заев.
Тој нагласи дека секое време има свои предизвиции дека се тешки компромисите кои ги правиме на дипломатските маси за напредокот на државата.
Не се лесни ни компромисите што секојдневно ги правиме со себе, рече Заев.
„Ова е време кое бара од нас одважност да се издигнеме над себе и личните очекувања – и кочниците коишто сите ќе не вратат назад, да ги претвориме во силата којашто ќе повлече напред. Така е единствено можно личното добро, низ заедничкото добро.
На потешкиот начин извлековме повеќе поуки, дека, или ќе бидеме сите среќни, или нема среќа за никого. Со еден чекор сме горе, на планината и ќе поставиме уште едно победничко знаме на слободата, напредокот и интеграциите. Со еден чекор сме низбрдо: назад во 2016-та, а кој знае, може и во 2001-ва, во ризици, неизвесвесност, криза, изолазија.
Сигурно сте слушнале за последниот сантиметар до целта.
Ништо не е потешко од исчекорот на последниот сантиметар до целта, почитувани граѓани. Сме изоделе макотрпен пат напред, со бројни препреки и дури и со закани и по живот.
На последниот сантиметар до врвот, кога успехот ни се чини на дофат, тогаш сме најкомотни.
И тука се појавува најголемиот ризик – дали од тоа невнимание ќе се лизнеме надолу.
Таа критична точка, нема да не лизне! Не. Таа точка од нас бара сомнежот и уморот да ги претвориме во сопствен ветар во грбот, во концентрација и волја, да го искачиме последниот сантиметар до успехот.
Ајде да бидеме паметни и да не дозволиме самите да си ставиме кочница на патот.
Кочниците кои ни ги поставуваат другите, дома или однадвор, се тешки, но знаеме дека не зависат само од нас и со нив се справуваме.
Но како ќе се справиме со себе, кога на први ноември би се разбудиле со сознанието дека самите себеси сме си поставиле кочници, на среќата на своето дете, на прогресивната иднина на својата земја. Дека Скопје, не ни го срушил земјотрес, туку дека од невнимание и разединетост сме дозволиле, преку Скопје, да не повлечат во провалија и да ни ја уништат и сегашноста и иднината.
Не давајте му го Скопје на оние кои веќе го унакажаа, го нагрдија и му ја одзедоа душата.
Скопје не заслужува ново понижување, нови забегани експерименти и нови изживувања врз неговата урбана физиономија
Тоа нема да се случи бидејќи Скопје го заслужува најдоброто!
Слободоумните граѓани на Скопје знаат да одржат лекција, но знаат и кога им се потребни на својот град и на својата држава, ги знаат и своите одговорности.
Прогресивното граѓанство на 31-ви октомври ќе гласа за Прогрес – бидејки тоа е неговата, тоа е нашата лична идеологија – најдоброто за сите!
Гледате почитувани граѓани, дека до овој момент не зборувам за десетиците изградени и реконструирани градинки и училишта, болници и културни домови, илјадниците километри регионални, магистрални, локални патишта и канализациски мрежи. Гледате и дека не зборувам за покачените плати, за по 6.000 денари, за по повеќе од сто евра – и минималната плата која од 9 оди на 18.000 денари, ниту за 300-те проценти покачена социјална помош, за економските мерки коишто во услови на незапаметена пандемија, помогнаа семејствата да не останат гладни, фирми да не се затворат, уметници да се носат со последиците од кризата, којашто го зафати целиот свет.
Знам дека знаете дека ќе има нов тренд на покачувања на платите, покачувања на пензиите два пати годишно, нови инвестиции, нови работни места, ако останеме на евро-атлантскиот пат, бидејки овој пат носи прогрес.
Јас знам дека вам не треба да ве убедиме дека ние парите ги вложуваме кај граѓаните, наспроти онаа режимска структура на Никола Груевски, чијашто продолжена рака е и ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски, којашто, да речеме дека крадеше – е малку. Грабаа, арамиски пљачкаа, бркаа од работа, газеа по човековото достоинство.
Најголем дел од луѓето во државата, дали се членови или поддржувачи на оваа владејачка коалиција на централно ниво или се независни граѓански активисти, знам дека носат лузни од тие времиња на режимот.
Знам дека вие, разликата меѓу 11-годишната режимска власт и оваа 4-годишна демократска власт, ја знаете.
Вие знаете дека ние никого не влечеме за уши, никому не посакуваме да заврши во ендек. Никого не присилуваме да излезе на протест, на митинг, на избори. Никого не бркаме од работа за различно мислење и искажан став. Не ги делиме луѓето на наши и некои други. Не го подриваме соживотот, туку искрено веруваме во концептот што го градиме – Едно општество за сите, во кое што сите имаме исти права, но и подлежиме на исти обврски пред законите и пред државата.
Знаме дека знаете дека ова денешно ВМРО ДПМНЕ е иста содржина со режимот. И затоа, не е можно да ја имате заборавено тогашната партиска и заробена држава, замолчените граѓани, одземената слобода на говор и мисла, срушената демократија, лустрираните неистомисленици, затворањето телевиззии и весници, убиства, тепањето студенти, тепачките по автобуси, пломбираните фирми, продавници и дуќанчиња и казните од илјадници евра, понижените социјалци и стечајци, одземениот солидарен фонд на пензионерите, мизерните плати, судството од тефтерчиња, катастрофалните избори со расипување лифтови, контроверзниот проект ,,Скопје 2014″ и уште низа страшни примери, одлика за едно режимско владеење. Па видете ги на социјалните мрежи, веќе почнаа да се закануваат дека ќе се светеле. За што ќе се светат? За слободата која и за нив ја донесовме. Не другари, тоа не смееме да им го дозволиме, знам дека тоа никој не би сакал да се повтори.
Прогресивно граѓанство знае добро да го процени што е исправно и не бега од одлуки, туку одлучно ги носи.
По тоа и се разликува ова гласачко тело на политички определени граѓани, но и на неопределени граѓани, кое даде клучна поддршка на нас како раководства, да ја движиме земјата, обединети – напред.
Ова гласачко тело знае да поддржи, но знае и да предупреди и знае и да одржи лекција.
Но по тоа се разликуваме и ние, почитувани граѓани, од ВМРО-ДПМНЕ.
Дали можете да се сетите на некое политичко раководство, кое било толку критично кон себе, кое толку брзо го разбирало и уважувало граѓанскиот глас и се корегирало – сега и веднаш.
Почитивани скопјани, Ве разбравме! И постапуваме.
Сите вие, кои останавте во првиот изборен круг дома, не сакате режим, не сакате да се врати земјата назад, затоа што знам дека вие можеби и повеќе од некои кои излегле на гласање ги вреднувате постигнувањата во изминатите 4 години, што заедно ги постигнавме.
Но некој, во вашиот личен живот, ве повредил. Некој ве потценил. Некој ви ја затворил вратата, неправедно. Ннекој не ви кренал ни телефон, за да ја слушне вашата мака.
Ви благодарам на сите вас, кои од овие или од други причини, што ги споделивте со мене, бевте искрени и ја одржавте лекцијата во првиот изборен круг.
Сакам да знаете дека јас силно верувам и во вашата свест и во вашите намери и во вашата зрелост.
Предупредивте навреме, затоа што знаете дека јас и оваа коалиција, вашиот глас го слушаме, го уважуваме и реагираме.
Штетата може да биде голема и ќе биде заедничка, ако во вториот изборен круг не се обединиме околу вредностите.
Но јас ве слушнав, ве разбрав и веднаш реагирам.
Оваа држава, наша, грутка земја, Северна Македонија, мора да продолжи напред, тоа е нејзиниот пат.
И ако јас кревам телефон, покрај сите мои огромни обврски, како премиер, ќе крева телефон и Петре, и Горан, и Дуле, и Ферат, и Висар … и секој, од највисоко до најниско раководно ниво, ќе ве слуша и ќе ви помага, согласно законите, затоа што за тоа е поставен – и за државата – и за граѓаните; и за општините – и за граѓаните.
Затоа што должност ни е да се грижиме за сите вас, до еден – на дело!
Нашиот Петре, вашиот градоначалник Петре Шилегов, како што ја поставивме државата на европскиот пат, тој го постави Скопје на европскиот пат.
Ова е истиот Петре кој со нас рушеше режим, кој сопственото здравје го вгради во перспективите на оваа земја, кој го изговори прв името еден од братучедите, Сашо Мијалков, кога сите други избегнуваа да го именуваат дури и во иницијали.
Ова е Петре кој во пандемија градеше, кој не ве дели.
Тој е човекот кој го носи Скопје на рамништето на развиените европски престолнини. Спротивното е мрак, стиропор, шмизли, барок, срушен ГТЦ, целосна промена на ликот на нашиот главен град, што не ќе може да си го препознаат ни историјата, ни сегашноста, ни иднината. Нешто со кое нема да се мирни ни оние го животите ги дале за слободарско Скопје, а нема да сме ни ние, ниту пак нашите деца. Тоа не се поправа.
Затоа, ајде обединети – напред!
Ајде заедно, обеднинети, да му дадеме поддршка на Петре да сработи за прогресивно Скопје.
Ајде заедно, обединети, да ја оставиме отворена вратата на прогесот на Република Северна Македонија.
Секоја поинаква одлука е погрешна.
Секоја поинаква одлука ќе почне од Скопје и ќе ја повлече државата во кризи и незисветсвост на долг рок. И тоа нема да се само државни ризици. Тоа ќе се и лични ризици.
Ова е реалноста.
Гледајте инспираторите на кризи на другата страна дека не седат мирни. Се осилија. На уште незавршени избори се закануваат.
Почнаа да ги подриваат преговарачките позиции со соседна Бугарија, во коишто ви тврдам, поставени сме принципиелно, со целосна заштита на македонскиот идентитет и на сите етнички заедници во нашата држава. Нема ниту педа отстапки од она што е национален, етнички и државен идентитет македонски.
И Европската унија ја извлече лекцијата што значи да не се одржи зборот.
Малку недостига со непресметливи луѓе, какво што се покажа раководството на ВМРО-ДПМНЕ, да ни отиде земјата во провалија. Ние сме во сериозна опасност, сите ние, граѓаните и затоа мораме ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ.
А јас ве уверувам. Ве слушнав кога ми порачавте дека само заедно можеме да одиме напред, без никој да не остане позади. Така ќе биде – го имате мојот збор!
За да можеме да ја продолжиме грижата за секој граѓанин; за да има рамномерен регионален развој, за сите општини – и големи и мали, да се развиваат по европски стандарди; за да спроведеме европски квалитет на живот, хумана урбанизација, зелени општини, зелени работни места – ќе соработуваме со сите демократски сили во советите на општините и од политичките субјекти и од независните листи и заедно ќе ги носиме одлуките, што е најдоброто за Град Скопје и за секоја општина одделно.
Владејачкото мнозинство е стабилно и ќе се проширува.
Воведуваме граѓански совети во сите општини кои ќе донесат одлука дека треба да продолжиме напред. Тоа значи дека слушаме. Тоа значи дека ќе се носат крупни одлуки за развој на градовите, ама тие одлуки ќе одат прво на проверка кај граѓанинот.
И уште нешто – најавувам вечерва – давам јасна насока и директива, во сите општински организации, кај сите наши градоначалници, сите министри и директори – GAME CHANGE – излегоа проблемите на виделина – фрчат пораки со проблемите на луѓето – тргнуваме со нов систем каде секој граѓанин ќе добие одговор – прво дека пријавата или поплаката или барањето се примени, а веднаш потоа и упатување од секоја институција како ќе се решава проблемот. Систем другари. Правила и процедури. Секој штој пријавил проблем добива одговор, фидбек. Ама секој. Без разлика чив е. Систем услуги кој оди рамо-до-рамо со дигитализацијата. А ако некој не добие соодветна услуга, ќе светне црвено на компјутерот и одма се знае кој затаил, кој не работи како што треба.
Еве ме граѓанки и граѓани – Ја имате подадената рака, го имате зборот. Ве слушнав вас кои гласавте. Ве слушнав и вас кои не гласавте. Не ни е важно на кој јазик зборувате, од која вера сте.
Почнавме и акција и корекција. Ниту една клучна политика повеќе нема да се носи без да ве прашаме сите вас. Ќе го трасираме патот на развојот на Град Скопје и на државата исклучиво според волјата на мнозинството граѓани.
Нашата заедничка визија за современ Град Скопје и современа Република Сверена Македонија се гради со влогот на секој еден човек, на секој човек.
Најголем дел од нас работевме напорно за Северна Македонија да биде денес ова што е – држава пример во регионот и светот како се спроведуваат европски вредности на дело.
Да се обединиме бидејќи режимот се згусна, одат на купче.
И за нив е „All in“
Видете го Куманово.
ВМРО ГО ПОДДРЖУВА МАКСО. ДА , ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ И АЛЕКСАНДАР НИКОЛОВСКИ ОБЈАВИЈА СОЈУЗ СО МАКСО. А ТОЈ ПАК, ВЕЛИКОДУШНО СЕ ЗАБЛАГОДАРИ ЗА ПОДДРШКАТА ОД РЕЖИМСКОТО ВМРО.
Ништо ние не сме згрешиле во Куманово, туку напротив, сме го намисрисале режимот и затоа Максо не е кандидат на СДСМ, туку е кандидат на режимското ВМРО. Нема почиста ситуација. Сега треба само да се излезе и гласа.
Или Карпош.
Демократијата или режимот и таму е „All in“.
Душко, Петре, Заев, Вие, сите ние заедно – против ДПМНЕ, против Стевчо, против оние кои избегаа и од своите партии и од државата.
Правдата наспроти криминалот, тоа е нашата борба.
Затоа на 31-ви на гласање – ќе го надгласаме режимот повторно и конечно.
Но, мора и ајде да се обединиме сите ние слободоумното, прогресивно мнозинство во државата, а мнозинство сме – во оптимистичката и надежна визија којашто е моќната сила за конструктивните промени коишто ни е потребно да продолжат.
Веруваме дека најдоброто е можно, а вие активните граѓани сега ја имате вистинската улога во остварувањето на оваа визија.
Да не дозволиме да ни стане врвка околу нозете онаа позната мисла којашто вели дека: ,,оној кој се одмаздува за нечиј пропуст или грешка, прави уште поголем пропуст и уште поголема грешка”.
Ајде со ум, разум и добра волја да ги спречиме во тоа.
Ајде обединето, со свеста дека напредокот е единствената опција – да го продолжиме патот по којшто заеднички тргнавме.
На тој пат сите ќе бидеме свои на своето, попатно разрешувајќи ги сите недоследности и пропусти кои биле направени. Од грешките се учиме.
Да ја сочуваме душата на Скопје на кое заедно му дадовме да дише пред неколку години.
Заедно обединети, освестени сите, кој од опомените, кој од грешките, знам дека на 31-ви октомври ќе ја донесеме исправната одлука.
Води напред оваа демократска, отворена, приземјена политичка опција којашто реагира на вашиот збор бидејки од вас го влечеме мандатот – вам ви служиме.
Повикувам да се обединиме за да продолжиме напред. Да излеземе и да гласаме за модерни села и градови, за модерно европско Скопје.
Во вториот круг сме во 40-тина општини меѓу коишто и во Градот Скопје.
Во вас е пенкалото, во вас е и одлуката.
За да продолжиме обеднети – напред повикувам на поддршка на Петре Шилегов во Град Скопје. За Горан во Центар. За Душко во Карпош. За Ферат во Шуто Оризари. За Висар во Чаир.
Град Скопје одлучува да продолжиме обединети а очекувам да го следат и другите општини.
За обединета напредна иднина – одиме, Обединети – Напред!“ рече на вечерашниот собир со граѓаните на Скопје, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.