ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Арсовска во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство, објави на прес-конференција Славјанка Петровска. Данела е и почесен конзул на Унгарија во Македонија. Арсовска е независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржана од големата, семакедонската, сеуниверзумската ВМРО-ДПМНЕ.
Ем почесен конзул од Орбан, ем горда македонска државјанка со бугарски пасош, ем кандидатка за градоначалник на најмакедонската партија.
Што може Скопје да посака повеќе од тоа?
Како бугарска државјанка, ем градоначалничка, сигурно ќе ги зближи двете братски земји, двата „един“ народи, двете истории, па ако сакате и двете турбо-фолк сцени. До изнемоштеност нејзиното македонски и бугарско државјанство може да придонесе за разојот на Скопје и скопјани, посебно во овие антагонистички моменти кога се прекршува историческата ваистина со кои се соочуваат двете општества.
Вели Данела, била и добар менаџер и за сите проблеми со кои се соочива градот, решението е во доброто менаџирање. Фирма во споственост на нејзиното семејство како што кажуваат, добро ја изменаџирала и не платила педесетина илјади евра за струја. Ете ви едноставен пример, ем успешен менаџер, ем умешна, каде го имате тоа?
Други пак, замислете, и земаат за зло оти злоупотребила позиција и си ја наместила сопствената мајка во управен одбор. Појма немам што им е на луѓето? Данела постапила како добра ќерка, што се грижи за фамилијата и ги негува семејните вредности. А кого да стави во управен бе мамлази, некој непознат, некој компетентен? Бог да чува се луѓево!
Космополит Данела, е барана и прифаќана од многу нам пријателски држави, претседатели и народи. Едните малтене ни одмалуваат наши криминалци и бегалци од правда и ги прибираат како азиланти, другите нè држат понастрана од „клетата“ ЕУ.
Навистина драги мои, дајте соземете се, не знам што би посакале повеќе за Скопје?
Ја гледам Данела кај Лупевска во емисија пред некој ден. И ја мачи Жане со прашања, а оваа онака кротка, како гумена кукла што би рекол професор Ѓорѓи Спасов, виртуелен лик, низ насмевка ни вели – тоа е „црна кампања“, слушајте ме добро „ќе ве возам бесплатно низ Скопје” и ќе купам 25О нови електрични автобуси.
Да ти е мерак да ја сушаш, да не можеш да дочекаш да поминат избориве и да се фрлиш во фантазијата со која зрачи Данела, со која ќе се решат за 82 дена сите комунални проблеми, што од не знам веќе кои причини Шилегов не ги решил. Да се фрлиш по сите тие ветени широки булевари (па штоако се веќе изградени?!), паркови и игралишта. Со душа го чекам денот да дојде Данела како мајка на градот, па да се изнадишам од убавиот, ма сигурно ќе е и парфемисан воздух во Скопје. Она Скопје кое како што вели го заслужуваат скопјани, без бездомни кучиња, без луѓе што собираат пластика по канти за ѓубре. Се тоа има фино-лепо под тепих да се напика за 82 дена, Скопје без луѓе, да не валкаат и уништуваат.
Малтретирана е Данела деновиве од цела јавност, па се отвори широка дискусија за тоа која е Данела Арсовска, со што се занимавала, кои и се родители, како се стекнале со имотот…
Срам да им е, нели?!
Се мешаат во туѓи животи на личности кои претендираат да располагаат со стотици милонски буџет народни пари, си играат со судбини, најновово со бугарсково државјанство ако е вистина, навистина не знам како да го објаснам. Па се пишала Даниела наместо Данела кај бугарите. Чудо де големо, до вчера нели сите како Даниела ја знаевме, буква е во прашање, не дека се криело чупето, аман!
Имаше и купишта шпекулации – Па татко е бил џандар, па како се стекнал тој со имот, па како хотели еден-два, ово-оно, нешта, ма безвеза го гњават девојчето, па грст фирми и накалемуваат…
И наместо да се занимаваме со тоа драги мои, неминовното и единственото прашање што треба да си го поставиме е: Што имаш ти направено за Данел, а не што таа направила за тебе?
Ја заслужуваат ли скопјани и Скопје, Данела Арсовска?
Текстот и личен став на авторот. За пријатели, слободен е за преземање.