Мониторинг тимот на ЦИВИЛ забележа кршење на изборен молк и говор на омраза на социјални мрежи. Снимки од Ѓорче Петров и приведување за поткуп на гласачи. ЈО итно постапува по индиции за кривични дела поврзани со изборите. Гласаа болните, изнемоштени, затворениците, лицата со Ковид 19, оние во самоизолација и лицата од старските домови.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2021 – КРШЕЊЕ НА ИЗБОРЕН МОЛК И ГОВОР НА ОМРАЗА
ЦИВИЛ нотира голем број случаи на кршење на изборниот молк и говор на омраза на социјалните мрежи. Мониторинг тимовите на ЦИВИЛ го набљудуваат изборниот молк кој настапи на полноќ меѓу петок и сабота, 29 и 30 октомври. Од обработените извештаи од теренот до 16 часот (30 октомври), се издвојуваат неколку случаи. Бројот на случаи на кршење на изборниот молк е далеку поголем. Повеќе детали ќе бидат соопштени на прес конференцијата в недела, 31 октомври, со почеток во 10 часот.
ЈО: Итно се постапува по индиции за кривични дела поврзани со изборите. Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Во втор круг се гласа во 44 општини, право на глас имаат 1.353.990 лица во 2.481 избирачко место. Поради пандемијата со коронавирусот, гласањето и на овие избори, како и на претходните, ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните.
Навремено почна гласањето во казнено-поправните установи, недостасуваат гласачи од Избирачкиот список. Како и во првиот круг, така и денеска, во вториот круг од гласањето на локалните избори, од Избирачкиот список недостасуваат дел од лицата што се во притвор.
Денеска гласаa болните, немоќните, лица со Ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во старски домови.Според податоците на ДИК ќе гласаат 1.409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови и шест внатрешно раселени лица.
Во општина Гостивар денеска гласаат 123 болни и немоќни лица.
Канцелариите на Народниот правобранител отворени в недела за пријавување на повреда на избирачко право.
Во М.Каменица и Пехчево гласаа 141 болни и изнемоштени и лица со Ковид-19. Како што информираше претседателката на Општинската изборна комисија Бота Димитрова – Ангелова, гласањето во М.Каменица се одвивало без никакави проблеми. На територијата на општина Македонска Каменица 27 болни и изнемоштени лица го остварија своето право на глас, како и 11 лица позитивни на Ковид-19 од исто толку пријавени, рече Димитрова Ангелова.
ПОТКУП НА ГЛАСОВИ И ПРИВЕДЕНИ
Приведени две лица за давање поткуп за гласови во Скопје. Денеска (30.10.2021) околу 14 часот полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Г.З. (59) и А.С. (63) од Скопје кои во скопската населба Даме Груев давале пари во замена за глас на локалните избори односно вршеле кривично дело по член 162 од КЗ „поткуп при избори и гласање“.
Снимка од поткуп на гласачи во Ѓорче Петров. Роми, жители на Ѓорче Петров оставаат лични карти на еден ден пред вториот изборен круг. Неофицијално, станувало збор за поткуп, непосредно пред изборниот ден, за време на изборниот молк. Ова се случувало во двор на куќа, каде дестици Роми биле повикани да ги донесат личните карти.
ОЈО Делчево проверува наводи за изборен поткуп. Како што соопштија од Службата за односи со јавноста на Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, Јавен обвинител дал насоки и се преземаат дејствија за прибирање докази и податоци.
Натепан и испрскан со спреј малолетник додека лепел плакати од политичка партија. Од Министерството за внатрешни работи велат дека денеска (на 30.10.2021) во 01,20 часот М.Т.(44) од с. Василево пријавил дека на 29.10.2021 околу 23,30 часот, додека неговиот син лепел плакати од политичка партија во непосредна близина на домот на културата во с. Василево, дошол К.Ц.(18) и почнал да лепи плакати врз плакатите од друга политичка партија.
И. Т. З.