-Ние како општество почнавме да навикнуваме на тоа што значи да се одржат слободни избори. Изборите беа демократски и фер и тука нема збор. Тоа што ние го зборувавме, всушност го потврди и премиероте, а тоа е дека ние како општество и системот и државата во целост, сме континуирана мета на хибриден напад, рече Дерала во гостувањето на „Утрински брифинг“ на Слободен Печат, во разговор со Сашо Орданоски.
Оценката на ДИК е дека изборите беа демократски, но опозицијата се пожали дека имало нерегуларности и покрај победата во поголемиот број општини.
Дерала нагласи дека се покажа дека изборната администрација не функционира како што треба, со видливи многу сериозни недостатоци.
Видовме избирачки одбори кои или не се доволно обучени или во нив се инфилтрирани силни партиски кадри кои го работеа тоа што го сакаа, а тоа меѓудругото се гледаше и од нивниот однос кон набљудувачите на Цивил, рече Дерала.
Дерала вели дека за жал, фингерпринтите оставија темна дамка на процесот и дека излегоа како многу скапа играчка која не функционираше како што треба, а влијаеше и на излезноста, зашто заради нефункционалноста многумина граѓани едноставно се откажуваа од гласање.
Тоа може да се види од еден пример: Од 70 гласачи кои во моментот биле излезени на едно избирачко место во Кисела Вода, само кај 19 функционирал фингерпринтот, истакна Дерала.
Дерала и Орданоски ја коментираа и изјавата од Заев за влезот на странски пари во изборната кампања и продорот на маркетинг агенции од страство во нашите медиуми.
Заев го потврди тоа што го говоревме за хибридните напади. Тој вели дека имало многу силен продор на пари од надвор, спомна и странски пари во самиот изборен процес. Тоа подразбира сериозна одговорност на повеќе нивоа и од повеќе институции. Тука е секако, како што пишуваше и Слободен печат, и интересот на влезот на маркетинг агенции од странство, рече Дерала во гостувањето на Утрински брифинг .
Орданоски се надоврза дека тоа се агенции и пари од Унгартија, поточно од Орбан и од азилантот Груевски, кои влегуваат преку маркетинг компании кои рекламираат небулозни продукти на некои овдешни портали и телевизии.
Ј. Ѓ.