БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Ах, бе Краси,
Се сеќаваш ли што ти реков лани ова време во еден телефонски разговор на твоја сметка, една вечер пред да објавите дека нема да дозволите старт на преговорите на Северна Македонија со Европската унија?
Дека блокадата е особено глупав и опасно штетен потег за Македонија, за регионот, за Европската унија, но и за Бугарија.
Се сеќаваш, не.
Ти беше еден од главните актери на таа нечесност.
На таа епска свињарија.
Мислам извршител, се знае кои беа главните во вистинската смисла на зборот.
Па отидовте во Народното собрание, па го хистеризиравте народот.
Бојко седеше на страна, но ти и Захариева, таа неверојатно ограничена жена неупатена, елементарно неупатена ниту во историските димензии на проблемот ниту во актуелните, една парадна фигура, манекенка на штетата, дефилиравте на јавната сцена и копавте ровови и општи штети.
Бугарија ја претставивте пред светот и особено пред партнерите од Европа како една заостаната средина надвор од културниот круг на Европа.
Го избламиравте крајот на грандиозната кариера на Меркел, а Македонија ја дестабилизиравте, ја доведовте на работ на хаосот, предизвикавте поголеми штети отколку што е самото забавување на евроинтеграциите.
Ги одбивте херојските гестови и жртвите на Заев.
И моите и на Денко Малески.
И на некои други луѓе кои се заложија за одредени историски ревизии од македонска страна за хармонизирање на односите.
На еден мирен народ кој Бугарија, за жал, како резултат на историското наследство, не толку од Втората светска војна, колку од повоениот периот во кој Бугарија имаше несреќа да падне под диктатурата на еден воен пакт, кој ја доживува Бугарија како некаква длабока сенка, без интерес, без емоции, му бркнавте во окото и го обвинивте дека многу вреска.
Нема омраза.
Тоа е ваша измислица.
И сега слушам дека си си дал оставка.
Од што.
Од ништото.
Можеш ли на одење да го собереш сево ова срање.
И ти и Захариева.
Каде е жената.
И се палат ли лампичките.
И уште нешто ти реков во таа прилика: Бугарија може да обезбеди траен пласман на своите интереси во Македонија и во однос на Македонија само така што ќе ја зголемува и артикулира гравитациската сила на својата политика, економија и култура, не со барања некој да признае што била по националност баба му во 1936 година, да речеме.
Главната бугарска историска оставштина во Македонија е вмро.
Не сте можеле поразорна бомба да оставите.
Мислам дека нема да има проблеми да се договориме околу тоа да ви го вратиме и таму со еден или колку проценти, исто како и твоето чудовиште, да исчезне и од Бугарија и од Македонија.
Од нас.
Да се разделиме со срамот, тагата и злото во нас.
Се радувам на изјавите на победниците на последните избори.
Се надевам дека ќе ги затвориме вратите на историјата за да гледаме во иднината, инаку дува провев, може да не фати ишијас. За тоа е потребно историчарите да се обезвластат во меѓудржавните односи.
Од политиката. Нека се занимаваат со наука, макар што јас мислам дека историска наука нема ниту тука, ниту при вас.
Тоа е, драг мој Краси.
Секој доктор би ти рекол дека во вакви околности е нормално да чувствуваш макар малку срам. Одговорност- потешко. Но, малку срам би бил користен за твоето здравје. Ако чувствствуваш такво нешто, ако се плашиш дека ќе се зарумениш во образите кога ќе ме видиш, повели, и покрај сè, спремен сум да те дочекам во Скопје. Или ако испратиш некој мерцедес и пет илјади евра дневница, да ти дојдам во Софија. Кај еден бивш министер на војската е чест да се појде. Макар што ми се чини дека Бугарија треба да се срами кој сè и бил на чело на оружените сили и важен човек во врвната политика.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани