Филип Стојановски во објава на Фејсбук, даде прилог во дебатата започната со именувањето на градоначалничката Данела Арсовска, како „градоначалник“ која трае по социјалните мрежи.
„Дали луѓето кои наместо македонскиот збор „градоначалничка“ користат новокомпонирана конструкција „жена градоначалник“, за „селанка“ викаат „жена селанец“?
И обратно, дали за „фризер“ викаат „маж фризерка“, за „полицаец“ – „маж полицајка“ итн.?“, прашува Филип Стојановски.
Стојановски во коментар додава дека во сите јужнословенски јазици освен во бугарскиот, сосема легитимно именката градоначачник ја има и во машки и во женски род.
„Инаку колку што знам во сите јужнословенски јазици освен бугарскиот сосем легитимно именката градоначачник ја има и во машки и во женски род – „gradonačelnik“ и „gradonačеlnica“ на српски, босански и црногорски, „župnik“ и „županja“ на хрватски и словенечки.
Само бугарскиот е некако исклучен од тој тренд. Еве со петни жили во овој напис се обидуваат да докажат дека не смеело да има женски род од „кмет“ или „министер“. Дури објаснениево зошто не сакаат да користат логичен граматички женски род изгледа како да подразбира дека треба да се бориме против феминизмот кој како да го подразбираат за нешто лошо и неприродно. А користењето на „учителка“ наместо „учител“ било одраз на емотивност наспроти професионалност (демек жените се емотивни, а мажите рационални, старата теорија дека не се доволно паметни па треба мажот да мисли за нив).“, пишува Стојановски.
J. Ѓ.