Од ЕВН Електрани, за „360 степени“, велат дека „интерната ревизија на групацијата ангажира независни правни експерти од странство за расчистување на случајот“ за кој предистрага водат Управата за финансиска полиција и ОЈО Скопје.
Делчево не е единствената општина во која поединци добивале ниви на подарок за само неколку недели подоцна да ги продадат на ЕВН Електрани за 40 пати поскапо од пазарната цена. „360 степени“ откри иста шема и во Берово.
„Околу месец, така нешто. Скоро е. Од онаа страна е гледано.“ни посочи еден од локалните жители.
Приказната е следна – бизнисмен од Пехчево добил на подарок повеќе од 20 000 метри квадратни земјоделско земјиште во беровско со пазарна вредност од околу 20 денари за квадрат. Брзо потоа склучил договор за продажба на нивите на ЕВН Електрани по цена од околу 800 денари за квадрат. Но, случајот во Берово има една разлика во споредба со оние во Делчево.
„Трансакцијата и купопродажбата не е се уште реализирана,“ изјави градоначалник на општина Берово, Ѕвонко Пекевски.
Финансиската полиција и Обвинителството и понатаму не споделуваат детали – кој е осомничен за шемата, каде завршил ќарот од зделките и дали дел од него можеби се користел за нелегално финансирање изборна кампања?
Засега не е утврдено по чија вина, но бизнис-планот на компанијата прерасна во скандал. Како што објави „360 степени“, во делчевско ЕВН Електрани купувале земјиште по околу 800 денари за метар квадратен, иако пазарната вредност на тие парцели била околу 20 денари. Продавачи биле лица кои нивите ги добиле во владение само неколку недели пред зделката.
Но, „360 степени“ открива и дека Делчево не е единствен пример, бидејќи идентична шема, во речиси ист временски период, се случувала и во Берово. Дел од нивите кои ЕВН Електрани решиле да ги купат се наоѓаат во ридските предели на влезот во градот. За тоа знаат и мештаните што живеат во непосредна близина.
„Гледано е, гледано. А сега дали е земено, не знам. Важно за панели е гледано. Околу месец, така нешто. Скоро е. Од онаа страна е гледано. Бидејќи тој дел таму одговара за панели“, ни одговори жител кој живее во непосредба близина на парцелите.
Документите до кои дојдовме покажуваат дека на оваа локација се наоѓаат три од вкупно девет парцели кои ЕВН Електрани се согласиле да ги купат.
Според купопродажниот договор од крајот на септември 2021 година, компанијата пазарила вкупно 20 477 квадратни метри, за кои требало да плати 16 317 178 денари, или околу 800 денари по квадрат. Продавачот на сите девет ниви е Дарко Ќ., бизнисмен од Пехчево.
Во случаите во Делчево, лицата што ги продале нивите на ЕВН се стекнале со нив само три недели пред зделката. Кога и како, пак, продавачот на нивите во Берово, Дарко Ќ. се стекнал со нивите пред им да ги продаде на ЕВН, од Општина Берово не сакаа да откријат. Затоа, побаравме и добивме увид во историјатот на парцелите од Агенцијата за катастар.
Од она што ни го презентираа, а го посведочивме и со свои очи, Дарко Ќ. ги добил сите парцели на 21 септември 2021 година и тоа како подарок. Му ги подарил Јован К., жител на Берово. Според висината на данокот што го платил Дарко Ќ, пазарната вредност на нивите е околу 20 денари за метар квадратен. А како што веќе објавивме, договорената сума што ЕВН ја прифаќа за купување на парцелите кои Дарко Ќ. ги добил од Јован К. изнесува околу 800 денари за квадрат или 40 пати поскапо.
„360 степени“ го побара дарежливиот беровец кој решил да му го подари својот земјоделски имот на Дарко Ќ. Заѕвонивме на адресата од документите во Катастарот, но никој не ни отвори.
До тука, беровската и делчевската шема се идентични. Разликата во случајот во Берово е што нивите и во моментов се на име на продавачот Дарко Ќ, а не на ЕВН Електрани. На прашањето, зошто нема смена на сопственоста, добивме одговор од општината Берово.
„Пред месец и половина, имаше поднесено барање, отворена е даночна пријава за врз основа на договор за спроведување на самото решение кое е изготвено од страна на општинската администрација. Но, истото до ден денеска не е реализирано. Во тоа не навлегуваме, тоа си е обврска на самите лица кои се вклучени во купопродажбата, наша обврска е да ги испочитуваме одредбите од законот за даночен имот во кој е јасно утврдено што после истекот на рокот во кој треба таа купопродажба да биде реализирана,“
изјави градоначалникот Пекевски.
Ова значи дека поради засега непознати причини, ЕВН Електрани се согласиле да ги купат нивите, но потоа не му ја платиле договорената сума на Дарко Ќ. Зошто, одговор прво побаравме лично од Дарко Ќ. на неговата адреса во Пехчево. Тој беше надвор од градот, но се слушнавме по телефон. Ни одговори дека купопродажбата на нивите е негова лична работа, не сакаше да говори за причината зошто договорот со ЕВН не е реализиран, но ни пренесе дека доколку тоа не се случи, ќе ја тера правдата пред суд.
Истото прашање го упативме и до ЕВН. Од компанијата не сакаа да споделат детали за дејствијата, но кажаа дека почнале своја, независна истрага.
„Обврзани сме да не коментираме. Остваруваме секојдневна комуникација со Финансиската полиција. Интерната ревизија на групацијата ангажираше независни правни експерти од странство за расчистување на случајот,“ одговорија од ЕВН.
Застапници на ЕВН Електрани во договорите за купопродажба на парцелите и во Делчево и во Берово се Мирослав Митровски и Игор Гиевски од Скопје. Гиевски е човек со политичка кариера – беше претседател на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ, а беше и советник во Град Скопје од редовите на истата партија. За Митровски не е познато дека имал политичка кариера, но неговиот татко, Сокол Митровски, беше долгогодишен градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Делчево и продавачите се луѓе со тесни врски со ВМРО-ДПМНЕ. Едниот е поранешен или актуелен член на обезбедувањето на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, а другиот – поранешен советник во Делчево од ВМРО-ДПМНЕ.
И во случајот во Берово може да се најде политичка поврзаност кај продавачот. Според јавно достапните податоци, Дарко Ќ. е сопственик на бензинска пумпа во Делчево, но е овластено лице во уште една компанија, за чиј правен застапник се јавува адвокат – член на ВМРО-ДПМНЕ и близок соработник на лидерот на партијата.
Сомнежот за кривични дела со купопродажба на парцели за потребите на ЕВН Електрани го обелодени Управата за финансиска полиција, а потоа го потврди и обвинителството. Институциите засега не откриваат детали, како на пример, дали Делчево и Берово се дел од иста предистражна постапка. Од Финансиската полиција добивме став дека „дејствијата во предистражаната постапка се тајни“, а од ОЈО Скопје:
„Обвинителството не е во можност да споделува детали за дејствијата кои се преземаат во оваа фаза од постапката. Постапката ќе продолжи во зависност од утврдените факти“, одговорија од институцијата.
Во детали не сакаше да влезе и градоначалникот на Берово.
„Не ги знам сите вклучени субјекти, согласно законот тоа е одредена даночна тајна со која некои податоци не можеме да ги изнесеме во јавност. За тоа си има надлежен орган кој ќе си провери во соодветна и со закон утврдена постапка така што тие документи може да ги дадеме само во еден таков случај“ одговори Пекевски.
И додека чекаме одговори за Берово, „360 степени“ дојдед до нови документи за купопродажбата на парцели на ЕВН Електрани во Делчево.
Освен Влатко И., членот на обезбедувањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ниви на ЕВН Електрани продавала и неговата сопруга, Марија И. Еден пример дека шемата е иста е од 1 септември 2021 година кога таа добила на подарок парцела со површина од 4106 квадратни метри. Според платениот данок, пазарна вредност на земјиштето изнесувала 61 590 денари, или околу 15 денари за метар квадратен.
Само три недели подоцна, Марија ја продала таа и уште неколку други ниви со вкупна површина од 28 152 метри квадратни на ЕВН Електрани за сума од 20 269 440 денари, или по просечна цена од 720 денари за метар квадратен, 45 пати поскапо од пазарната цена.
Токму поради фактот што во трансакциите учествувале лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ, темата и понатаму е актуелна во односите меѓу двете најголеми партии. Владејачката СДСМ во неколку наврати тврди дека екстра профитот завршил кај опозициската партија. ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува за „злоупотреба на системот“, но додава и дека не се истражен орган за да знаат што прават сите членови на партијата.
Сторија на 360 степени