Почитувани претставници на медиумите и граѓани, дозволете да изразам најдлабоко сочувство за семејствата на загинатите. Иако е тешко да се најдат зборови за утеха, во овие траорни мигови сакам да порачам како член на Владата и како човек дека остануваме заедно со семејствата, а институциите се тука да пружат поддршка и помош согласно потребите. Веќе е извесно дека организацијата и трошоците околу враќањето на жртвите ќе бидат на товар на државата, истакна министерот Оливер Спасовски на вечерашната прес-конференција.
– Утринава контактирав со мојот бугарски колега Рашков, и му најавив дека тим на МВР од униформираната и сообраќајната полиција, и од крим техниката тргнуваат во помош и поддршка на бугарските колеги. Покрај претставници на МВР, во Бугарија пристигнаа и претставници на неколку стручни служби на нашата држава кои ја понудија екпертската помош и ќе им ја предадат комплетната документација, рече министерот.
– Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верувам дека со заедничка соработка многу брзо ќе имаме одговор на сите нејаснотии околу оваа трагедија, и согласно на тоа ќе имаме ефикасност околу утрврдување на одговорноста. Ова што засега можам да го кажам е во доменот на податоците со кои располага МВР, е дека последната извршена проверка на техничката исправност на автобусот е направена на петти октомври 2021 година а постапката ќе ги даде сите одгвори, додаде Спасовски.
Истовремено нашите мисли и молитви остануваат со повредените. Од срце посакувам брзо закрепнување на повредените и побрзо враќање дома, истакна Спасовски.
M. M.