Трагедија. Настрадаа 46 млади луѓе, меѓу кои и 12 деца, во пожар кој го зафатил автобусот на патот Софија – Благоевград, на враќање од екскурзија во Истанбул. Тешко е да се пишува во вакви мигови, но длабоко човечка е и потребата да се упати порака со сочувство и солидарност до семејствата кои ги изгубија своите блиски во трагедијата, своите деца.
Малку е да се каже дека јавноста е во шок и неверување. Една по една, се редат вестите со детали за тешката несреќа, изјавите на јавни личности, политичари, експерти и претставници на надлежни институции, добронамерници на социјалните мрежи. Во вакви тешки мигови, солидарноста и сочувството на луѓето се единствените начини да се искаже непомирливост со трагедиите.
Човечноста не прашува за име и потекло на жртвите. Во вакви мигови, секој човек е член на едно големо семејство.
Заедно со тагата и болката, навираат и прашањата. Како дошло до несреќата? Кој е одговорен? Колку трагични „лекции“ се потребни, за да проработи совеста и професионалниот однос кон безбедноста и стандардите, било да се работи за човечка грешка (шоферот) или за друг вид пропусти? Од друга страна, не смее да се брза со заклучоци, мора да се биде совесен и смирен, да се чекаат официјални податоци и изјави.
За да има одговорност, таа прво треба да се утврди што навистина се случило, тоа го заслужуваат жртвите, блиските и јавноста. Фактите сигурно ќе се побараат на повеќе места. Во автобусот и кај шоферот кој и самиот настрадал… Во компанијата која во сообраќај го пуштила автобусот во чиј пожар настрадаа 46 души… Во надлежните органи задолжени за контрола на квалитетот и безбедноста… Во одговорните за патната инфраструктура… Или во некој друг, зависно од тоа што ќе утврди истрагата. Мрачна и трагична опомена за секој што на било кој начин учествува во сообраќајот.
Одговорите ќе стасаат. Прашање е дали ќе стасаат и научените лекции. Болката за загубата и траумите ќе останат засекогаш. Уште еднаш: длабоко сочувство.
Џабир Дерала