БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
Со вакви политички противници во опозицијата дозволени се сите варијанти на несериозност, на трикови и подметнувања, на бели лаги и мајтапења, на лапсузи и лупинзи, до конечната цел – Преминување на целната линија кон ЕУ и НАТО.
Во овој политички маратон, каде целната линија е високо истакната од самиот почеток, кога мораше да се донесат тешки, најтешки политички одлуки, кога се знаеше дистанцата и растојанието до крајната линија, кога ги дознавме сите можни реални и нереални, издржани и крајно неиздржани ама сериозни препреки на таа релација, кога и понатаму ја уживаше довербата дека само со него можеме да стасаме до таму, до ЕУ како и до НАТО, кога сите бевме свесни за кадровските дефекти во неговото опкружување, кога ги банализиравме неговите лапсузи, воглавно излетани од иксреноста, од човечноста, кога преку се’ поминувавме лесно, (барем од оние кои не го негуваа антагонизмот од лични причини), за да го задржиме ветерот во неговиот грб на најтешката делница, и на неколку метри од таа линија да се повлече, е грешка која ќе предизвика големи последици за иднината на државата. И разочарување кај поддржувачите…
И „Алтернатива“ со право ќе чека да се избере новиот лидер на СДСМ, најверојатно и новиот мандатар на владата, за со него да ги продолжи разговорите за учество во владата, како и други кои се внатре, а познати сончогледи, кои уште од денес ќе почнат да се вртат кон некоја нова светлина и ќе си го бараат чарето, само за да се спасат од оваа блокада…
Уште поголем печат на „грешка“ става и моментот кога државата се соочува со голема трагедија, кога, „експертите“ на социјалните мрежи вриштат со дефиниции и констатации за да ја усмерат вината во власта, кога со повеќе или со помалку право покажуваат кон владата како кон најголем виновник и за трагедијата во Бугарија, кога најавуваат одолговлекување на разрешницата од истрагите кога едни ја префрлаат одговорноста кон други, кога, чекаме некој да ги отвори канцалариите на „Беса транс“, за да почнеме да ги извршуваме обврските од најитната истрага, а се плашиме дека ќе ја отвориме можеби едната од многуте „пандорини“ кутии за по кој знае кој пат откриеме каде живееме, кој со нас управува, во чии раце и на чии тркала ги ставаме сопствените животи и оние на најблиските.
Да се остави кормилото и да му се препушти на некој друг, во ваков момент, е голема политичка грешка. Можеби најголемата до сега, со која, Заев, самиот си ја фрли првата лопата во политичката јама на неуспешните… Штета…