ДНК профилите за идентификацијата на жртвите во тешката автобуска несреќа во Бугарија, заедно со записници за испитување на осум сведоци, како и целокупната документација за автобусот од компанијата Беса Транс и Министерството за транспорт, денеска се предадени на бугарските обвинители, од страна на Јавното обвинителство за Република Северна Македонија.
Државниот јавен обвинител Љубимир Јовески, на заедничка прес-конфернеција со бугарските обвинители во Скопје, рече дека се обезбедуваат и други докази, а се продолжува и со сослушување на други лица кои може да дадат сознанија за расчистување на трагичниот настан.
– Сакам да ја нагласам професионалната соработка што ја имаме со колегите од Бугарија. Наидовме на целосно разбирање кај обвинителството на Бугарија и веќе од утре двајца наши експерти од Судска медицина ќе заминат за Софија со цел забрзување на постапката за идентификација и предавање на телата на нивните семејства, реле Јовески.
Во ОЈО Скопје, Јовески посочи, дека е отворен предмет за Беса Транс и овие податоци што ги собираат на барање на бугарските обвинители, во исто време ги користат и во делот на тој предмет, а со цел на расчистување на сите ситуации поврзани со несреќата, од документација за автобусот до тоа како тој ги поминувал границите.
-Ние ги прибираме потребните документации, а потоа ќе донесеме соодветна одлука. Веднаш по сообраќајната несреќа документацијата од команијата Беса Транс е одземена. Ве уверувам за било кое лице доколку има основ, Обвиниелството ќе отвори постапка, изјави Јовекси.
Истражителот во Националната истражна служба на Република Бугарија, Младен Христов Петров, на почетокот изрази сочувство за семејствата на жртвите и посочи дека блиската меѓусебна соработка, постојана комуникација и постојаната деноноќна работа од моментот на несреќата до сега, овозможиле за брзо време да се дојде до солидни резултати и можност за брза идентификација.
-Благодарам за напорната работа на ЈО на СМ, добрата соработка со Вилма Рускоска и професионалната соработка на сите структури од МВР, Министерството за транспорт и од Судска медицина, што овозможи за брзо време да располагаме со многу докази и во име на човештвото да скратиме многу бирократија. Придржувајќи се кон законот и прописите да се вратат телата за да бидат погребани, изјави Петров.
Петров, посочи дека се работи на сите верзии кои не се отфрлени, но бидејќи несреќата е голема и се собираат многу докази, во ваква ситуација истрагата треба да продолжи и не може да се даде дефинитивна верзија за причините за несреќата.
-Сопственикот на фирмата е сослушан во раните часови. Со него интензивно се соработува на територија на Северна Македонија и тој е достапен на надлежните институции, изјави Петров.
Заменикот окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник, Бисер Јорданов Михајлов, изразувајќи сочувсто на роднините на жртвите, посочи дека координацијата меѓу судските и државните власти на двете земји и меѓусебната соработка е на високо ниво.
-Откако се случи несреќата, институциите постојано соработуваат и работата на расчистување на случајот. Ќе продолжиме со исто темпо и по ДНК анализата телата ќе бидат вратени во најбрз можен рок, изјави Михајлов.
Прашан дали патот и лошата сообраќајна сигнализација се можни причини за несреќата, Михајлов рече, дека откако ќе бидат завршени сите анализи и експертизи, тогаш ќе може да имаат конечен одговор дали лошата сигнализација е некаква причина за сообраќајната несреќа.
За истото, Петров, изрази уверување дека сите претпоставки и прашањата што се поставуваат во медиумите се проверуваат и дека моментално експертската служба за пожари работи и очекуваат да ги утврдат причините за избувнување на пожарот./МИА/.