Гледам дека сите коментари за Петар се за тоа колку е детето симпатично. Навистина е. И покрај големата поддршка за Петар, не значи дека со ова вирално видео тој нема да стане жртва на сајбер-булинг. Дали видеото е објавено со негова согласност и со согласност на неговите родители?! Првиот инстинкт кога го видов ми беше: како би се чувствувала ако утре моето дете вирално се споделува како главен протагонист на грашокот кој нè засмејува сите нас духовно гладни!
Деновиве подготвувам тема за дебата токму за сајбер-силеџиство во рамки на проектот „16 дена активизам против родово базираното насилство“ и иако акцентот е на девојчињата и жените, ова видео ме натера да размислам дали сите ние кои со невидена леснотија споделуваме содржини во црната дупка на интернет просторот сме предатори…
Во меѓувреме ја читам книгата „Гробиштата“ (Три, 2021) од романскиот автор Адријан Телешпан кој вели: „Ако не го правиш тоа што го сакаш, колку и да се фалиш со слободниот дух, не можеш да кажеш дека си слободен“. Главниот протагонист е веќе уморен од себедокажување, од сиромаштија, од тоа да биде различен… Со сурова реалност, хумор и сарказам раскажува што мисли за среќата, парите, религијата, сексот и љубовта, стравот и смртта. Овој бунтовник на стереотипите сфаќа дека среќата лежи во прифаќањето на сопствената вистина, а не во очите на другите!
Забавно е, но и страшно во ова дигитално царство на непромисленост и глад за лајк! Луѓето бараат заедничка содржина што ќе ги спои, насмее, со која ќе направат сојузи од согласност или критика… како осамени острови од домот пред тастатурата.
Фејсбук објава од Ана Јовковска