Ацо Шопов
Треба да бидеме подобри.
Треба да бидеме подобри.
Подобри од црвеното срце на лебот
од кој ни мириса целата соба
на Сонце, Земја и Глад.
Треба да бидеме подобри.
Треба да бидеме подобри.
Подобри од белите усни на водите
кои љубејќи ги твоите колена
шепотат за сите суводолици
и сите грла што сонуваат вино.
Треба да бидеме подобри.
Треба да бидеме подобри.
Подобри заради она дете
што го замислиле твоите утра
и божилото на твоето срце.
Заради оној добродушен човек
кој гледајќи те со „Добар ден“
смирено го зема својот обед.
Треба да бидеме подобри.
Треба да бидеме подобри.
Подобри од црвеното срце на лебот
подобри од белите усни на водите,
заради нас,
заради човековиот „Добар ден“,
заради она невино дете
што го замислиле твоите утра
и божилото на твоето срце.
Ацо Шопов (1923-1982) е македонски поет и преведувач од Штип. Тој е еден од првите избрани членови на МАНУ.
Избор: Тања Кармзова – Костиглиола