Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во рамки на учеството на Министерскиот совет на ОБСЕ се обрати на пленарната сесија, при што ја нагласи потребата за заедничко справување со предизвиците со кои се соочува регионот на ОБСЕ, но и пошироко – како транс национален тероризам, закани од трговија со оружје, масовна миграција и растечки хуманитарни кризи.
Организацијата, посочи Османи, со својот мандат и алатки може позитивно да придонесе во таа насока, за што е потребна поголема политичка волја и поддршка од страна на самите држави.
-Како иден претседавач со Организацијата во 2023 година, Северна Македонија ќе работи на зачувување и промоција на основните вредности и принципи на ОБСЕ, почнувајќи уште од почетокот на следниот месец, како дел од триото претседавачи, задно со Полска и Шведска, истакна Османи, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
Во рамки на своето обраќање Османи, исто така, ја посочил Северна Македонија како пример на функционална мултиетничка демократија, во хармонија со вредностите и обврските на ОБСЕ, како и важноста на европската перспектива за регионот, како важен фактор за неговата безбедност и стабилност.
На маргините на министерскиот совет, Османи, како што информираат од неговиот кабинет, остварил средби и со колегите од Финска, Полска, Романија, Малта, Австрија, шефот на делегацијата на Франција, и со претставничката за слобода на медиумите на ОБСЕ.
извор: МИА