Јавна дебата на тема „Ризикот од корупција при издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи во областа на транспортот и спроведување на надзор“, ќе се одржи денеска преку електронската платформа Зум, во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
– Стремежот за највисоките етички вредности и интегритет во едно општество, секогаш треба да резултира со еднаков пристап до одгховрни и транспрантни институции и почитување на основните човекови слободи и права. За таа цел потребно е да се воспостави оправдана и одржлива доверба на институциите, преку ефикасно користење на јавните ресурси и јакнење на инститицуоналниот капацитет и интегритет. Сепак, од друга страна сме сведоци на постоење бројни ризици од корупција со посебен акцент на постоење широки дискрециони овластувања, особено во областа на издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи, трошење на јавните пари и злоупотреба на службените позиции во јавниот сектор, наведуваат од ДКСК.
Посочуваат дека ризиците од корупција во оваа област, меѓу другото се детектирани и во Националната стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, која го иницираше процесот и побара истите да бидат отстранети.
ДКСК цени дека процесот на издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи, особено во областа на транспортот, како допирна точка на јавниот и приватниот сектор е подложен и ранлив од корупција, како на централно, така и на локално ниво, а истиот често пати е од животно значење.
На настанот, како што е најавено од ДКСК, обраќање ќе имаат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорката на Царинската управа Славица Кутиров, директорот на Државниот инспекторат за транспорт Руфат Хусеини и претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.