Славко Јаневски
Кога булките ќе се истргнат од својот корен
и ќе појдат
една по една
кон својот залез
не следи ги.
Свадби веќе нема,
на секој чекор стои по една есен
смешна, бела и гола.
Кога булките ќе остават зад себе пустош
затвори го во себе дождот.
Нека ѕвони во олукот на твоите жили
под еден познат таван.
И молчи.
Кога ќе падне ветрот на твојот прозор
со три писоци танки
и плач на незрел жерав
пак молчи.
Булките мразеа говор.
Славко Јаневски (1920-2000) е македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар од Скопје. Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои: „АВНОЈ“ (1968); „11 Октомври“; наградата на СВП „Браќа Миладиновци“; наградата на градот Скопје „13 Ноември“; „Кочо Рацин“; „Македонско слово“; наградата за книжевен опус на ИРО „Мисла“ и „Мирослав Крлежа“.
Избор: Тања Кармзова Костиглиола