Јосип Коцев
Како сè да сум ти кажал
на јазикот на толчниците и прашниците,
со смирениот ромон на потоците,
како сè да сум ти одболувал
во постелата на која пролетта
го испушта својот последен мај,
како сè да е стокмено за бездушна суша,
дур ме тешиш дека ќе го напоиме светот
со поројот што ти се собрал во очите.
Нека ни ги кршат вратите,
во нас длабоко e затворено сè.
И нека нè довикуваат
со нашите привремени имиња,
во сните нас никој така не нè именува.
Не можат да нè земат
во својата празнина,
ќе ја исполниме!
Не можат да нè преточат
во своето време,
ќе го испиеме!
Нека вреват,
нека викаат!
Тие никогаш не би ѝ допуштиле
на својата болка
да се потпише толку гласно
како нашата.
Јосип Коцев (1985) е македонски поет и правник. Добитник е на наградата “Енхалон” на Струшките вечери на поезијата за песната “Етна”.
избор: Тања Кармзова Костиглиола