Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот Фејсбук, објавувајќи фотографија потсети на немилите кои се случија на 24 декември 2012 година, ден познат како „црн понеделник“.
-Да не се заборави и никогаш да не се повтори!Овој ден е потсетник на вистинското криминално и насилничко лице на ВМРО-ДПМНЕ. Режим никогаш повеќе!, напиша министерот.
На 24 декември 2012 пратениците од тогашната опозицијата (СДСМ) и новинарите беа насилно отстранети од седницата на Собранието на која се расправаше за буџетот за 2013 година.
Во собраниската сала влегоа голем број лица од собраниското обезбедување, но и полицајци во цивилна облека. Тие, еден по еден, насила ги исфрлија пратениците на опозицијата. Притоа, дел од пратениците беа повредени, а на интернет се појави снимка направена со мобилен телефон на една од пратеничките на опозицијата од која се виде што точно се случувало внатре.
Овие случувања предизвикаа политичка криза, за чие надминување беа инволвирани надворешни фактори и Европската Унија. Кризата заврши со мартовскиот договор со кој пратениците се договорија да се вратат во Собранието, да се формира Анкетна комисија за 24 декември, да се направи изборна реформа, да се подготват локалните избори и да се работи на слобода на медиумите и дијалогот со новинарите.
Случувањата во и пред Собранието беа документирани во посебен извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права уште на 7 февруари 2013 година. Анкетната комисија ја заврши својата работа кон крајот на август 2013 година, а нејзиниот краен извештај беше потпишан од страна на сите членови, вклучувајќи ги и оние од власта и од опозицијата.
И. З.