Шестиот тенисер во светот Рафаел Надал изјави дека не е запознаен со деталите и дека нема јасен став за одлуката да му се забрани на Новак Ѓоковиќ да влезе во Австралија, објавија денеска шпанските медиуми.
“Не знам. Се разбира, ова што се случува не е добро за никого. Но, не можам да имам јасно мислење кога не сум запознаен со деталите. „Се чини како непријатна ситуација, но на крајот на денот, единственото нешто што можам да кажам е дека минуваме низ предизвикувачки времиња и дека многу семејства страдаа во последните две години за време на пандемијата“, рече Надал.
На Ѓоковиќ вчера му беше одбиена визата во Мелбурн, а моментално е во хотелски карантин, откако реши да поднесе жалба на одлуката за депортација.
Претходно првиот тенисер во светот најави дека ќе учествува на првиот Грен слем турнир оваа сезона, Австралија Опен, откако доби медицинско ослободување, во врска со задолжителната вакцинација против корона вирусот.
Шпанскиот тенисер додаде дека ги разбира луѓето во Австралија, кои неколку пати беа ставени во карантин за време на пандемијата, како и дека верува во препораките на лекарите дека треба да се вакцинираат против корона вирусот.
„Тоа е мое мислење. Имав корона вирус. Двапати сум вакциниран. Ако го направите тоа, нема проблем да играте овде. Тоа е единственото нешто што е јасно“, изјави 35-годишниот тенисер.
„Тој донесе одлуки, секој има право на тоа, но има и последици. Се разбира, никому не му се допаѓа ова. На некој начин ми е жал за него. Но, од друга страна, тој знаеше за условите неколку месеци и сепак донесе таква одлука“, заклучи Надал.
Австралија опен се одржува од 17 до 30 јануари.