Киану Ривс, ѕвездата од познатиот филмски серијал „Матрикс“, ниту му дал поддршка на Ѓоковиќ, ниту го критикувал Надал. Твитер профилот од кој се споделени твитови со вакви содржини не е на Киану Ривс, туку станува збор за објави кои ги продуцира некој што се претставува како дублер на актерот и тоа е јасно напишано на самиот Твитер профил, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Притоа се даваат негативни коментари за неговите противници Рафаел Надал и Роже Федерер.
На социјалните мрежи и на порталите, со молскавична брзина се прошири информација дека светски познатиот глумец Киану Ривс му дал поддршка на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и притоа го критикувал шпанскиот тенисер Рафаел Надал. Ова не е точно.
СИ ГО БАРАШЕ НАДАЛ. ПОДДРШКАТА СТАНУВА СЕ ПОГОЛЕМА.
Ѕвездата на Матрикс контра Шпанецот со поддршка за Србинот
Ваквата информација се појави откако Ѓоковиќ остана заглавен во Мелбурн, откако му беше укината визата за влез во Австралија. Потоа тој беше префрлен во имиграциски хотел, каде што ќе остане барем до понеделник кога федерален австралиски суд треба да одлучува дали тој ќе може да влезе во државата и да игра на турнирот или ќе мора да се врати назад дома во Србија.
Но, Киану Ривс, ѕвездата од познатиот Матрикс филмски серијал, ниту му дал поддршка на Ѓоковиќ, ниту го критикувал Надал. Ова е дезинформација која, намерно или не, се прошири откако Твитер профил со името на актерот Киану Ривс споделил неколку твитови, со кои се поддржува Ѓоковиќ а притоа се даваат негативни коментари за неговите противници Рафаел Надал и Роже Федерер.
Иако Твитер профилот го носи името на актерот, сепак, не станува збор за Киану Ривс. А, тоа може веднаш да се забележи во инфо делот на профилот, кој се наоѓа веднаш под името. На овој Твитер профил стои следното инфо:
Ван Марфи Џуниор, дублер на Киану Ривс. Еј луѓе Јас сум Ван Марфи Џуниор и јас сум администратор на овој профил. ДМ за промоција
Тоа значи дека профилот не е на Киану Ривс и тој не ги споделува неговите размислувања преку тој профил, туку станува збор за објави кои ги продуцира некој што се претставува како дублер на актерот. и тоа е јасно напишано на профилот.
Впрочем, познато е дека Ривс сака да стои подалеку од очите на јавноста и не се експонира медиумски. Баш поради тоа, тој воопшто нема профили и не ги користи социјалните мрежи. Не користи ниту Твитер, ниту Фејсбук, ниту Инстаграм, ниту други социјални медиуми. Профилите што на овие мрежи ги има со неговото име и презиме се, всушност, профили креирани и водени од негови фанови.
Сето ова значи дека Киану Ривс не ги објавил твитовите за Ѓоковиќ и сите оние кои ја споделуваа оваа информација, всушност, свесно или не, споделуваат дезинформација, пишува „Вистиномер“.